ПОВЕЌЕ

    ИРАНСКИТЕ НАПАДИ ВРЗ ТАНКЕРИТЕ ВО И НАДВОР ОД ХОРМУЗ го исплашија пазарот и ги кренаа цените на нафтата

    Време зa читање: 3 минути

    Цената на нафтата од типот брент денес повторно се искачи над 102 долари за барел, поттикната од извештаите за сè почестите ирански напади врз танкери во и надвор од Ормускиот теснец и од одлуката на операторите во Мексиканскиот Залив (САД) да го запрат производството поради заканата од ураган.

    Во моментот на пишување на текстот, нафтата брент се тргуваше по цена од 102,50 долари за барел, што претставува пораст од над 2% во однос на затворањето на берзата во средата, додека цената на нафтата „West Texas Intermediate“ (WTI) изнесуваше 89,96 долари за барел, што е зголемување од 1,90% во однос на средата.

    Британска агенција за поморска безбедност соопшти дека е нападнат танкер што пловел крај северниот брег на Катар, при што имало непознат број жртви. Нападот се случи во момент кога Иран објави дека ќе затвори рута во Ормускиот теснец, која се користела за заобиколување на блокадата на сообраќајот наметната од Техеран.

    Бродот се наоѓал во Заливот, на околу 500 километри западно од Ормускиот теснец, кога пријавил дека бил погоден од „повеќе проектили“, соопштија во средата Британските поморски трговски операции (UKMTO). Британската служба не прецизираше од која земја потекнува бродот, објави Гардиан.

    Нападот во средата се случи во време кога нападите врз танкерите што минуваат низ Ормускиот теснец го достигнаа највисокото неделно ниво од почетокот на војната со Иран – според податоци на фирми за поморска безбедност – додека цените на нафтата се искачија над 100 долари за барел.

    Претходно оваа недела, цената на нафтата забележа пад по најновите информации од Меѓународната агенција за енергетика (IEA), која најави дека наскоро ќе одлучи за начинот на пуштање во оптек на оние 100 милиони барели сурова нафта и горива за кои земјите од Г7 се договорија минатата недела. Сепак, некои аналитичари истакнаа дека не станува збор за ново пуштање на нафта, туку за дел од планот објавен во март за ослободување на околу 400 милиони барели од резервите, со цел да се ублажи влијанието на војната врз цените на горивата.

    Со други зборови, тоа ослободување на резервите веќе беше вкалкулирано во цената, па вестите за засилените ирански напади врз танкери во Ормускиот теснец придонесоа за раст на цените. Според нови податоци од информативен центар предводен од американската морнарица, само во периодот од 28 септември до 2 октомври биле извршени дванаесет напади, објави денес Ројтерс.

    Поради овие напади, сообраќајот на танкери низ овој клучен воден пат повторно нагло опадна, при што протокот во вторникот беше на најниско ниво од крајот на јули, според податоците на компанијата „Kpler“. Сепак, на производителите им снемуваат опции. „Во минатото, ваквите напади резултираа со намалување на испораките од Персискиот Залив. Овој пат, се чини дека производителите се подготвени да го прифатат ризикот од оштетување на нивните бродови, бидејќи не постои алтернативен начин за транспорт на нивната нафта до меѓународните пазари“, изјави денес аналитичарот на ANZ, Даниел Хајнс, цитиран од Ројтерс.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично