
За една година, СЕПА од новина стана главен канал за прекуграничните плаќања во евра од и кон Македонија. До крајот на септември преку системот се извршени повеќе од 581 илјада трансакции во вредност од околу 11 милијарди евра, а Народната банка проценува дека граѓаните и компаниите досега заштедиле повеќе од 5 милиони евра само по основ на пониски банкарски надоместоци.
Македонија денес одбележува една година од оперативното приклучување кон Единствената област за плаќање во евра – СЕПА, со која домашните банки добија пристап до систем преку кој плаќањата во евра со 40 земји се извршуваат побрзо, поедноставно и поевтино.
Највидливата промена е кај трошоците. Според Народната банка, надоместоците за плаќања преку СЕПА се намалени и до шестпати за граѓаните и до деветпати за компаниите во споредба со традиционалното кореспондентно банкарство.
Колку брзо новиот систем го презема приматот покажува и неговиот удел во прекуграничните плаќања. Заклучно со септември, преку СЕПА се извршувале околу 69% од сите прекугранични трансакции во евра. Кај одливите учеството достигнало 67%, а кај приливите 70%.
И според вредноста, СЕПА веќе зафаќа значителен дел од прекуграничниот промет. Преку системот се обработени повеќе од половина од вредноста на приливите во евра и над 70% од вредноста на одливите.
Системот сè повеќе се користи и преку електронските канали. Кај физичките лица, 70% од електронските приливи и 80% од електронските одливи се реализирани преку СЕПА. Кај компаниите, учеството е 70% кај приливите и 65% кај одливите.
Практичниот ефект од ова е едноставен: помал дел од парите завршуваат на банкарски провизии, а поголем останува кај граѓаните и компаниите. Кај бизнисите, особено кај малите и средните претпријатија што почесто плаќаат или наплатуваат од странство, разликата може директно да влијае врз трошоците и ликвидноста.
Од Народната банка очекуваат заштедите дополнително да растат со зголемувањето на бројот на трансакции преку СЕПА и со натамошната дигитализација на плаќањата.
По една година, СЕПА веќе не е само чекор кон европска интеграција на платниот систем, туку конкретна финансиска придобивка: побрзи плаќања, пониски провизии и милиони евра што остануваат кај граѓаните и компаниите.
Аналитика








