ПОВЕЌЕ

    Буџетот е ликвиден, уверува Димитриеска-Кочоска – ребалансот е адаптација со реалните текови

    Време зa читање: 4 минути

    Вториот ребаланс на годинешниот Буџет не е предизвикан од проблеми со ликвидноста, туку со него се прилагодуваат јавните финансии кон променетите економски услови. Притоа, приоритет е заштитата на граѓаните, исполнување на законските обврски, одржување на економската активност и фискалната дисциплина – порача министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска. Со измените се намалуваат и приходите и расходите за околу 5,3 милијарди денари, додека буџетскиот дефицит останува на 46,3 милијарди денари.

    Вкупните приходи сега се планирани на 374,2 милијарди денари, за околу 5,3 милијарди помалку од претходната проекција. Најголемата корекција е кај акцизите, каде што очекуваните приходи се намалуваат од 34,1 на 30,4 милијарди денари.

    Причината, според министерката, се мерките што Владата ги презеде поради растот на цените на енергенсите – намалување на акцизите на горивата и на ДДВ за дизелот од 18 на 10 отсто.

    „Изминатиот период глобалната криза донесе нови предизвици, особено преку растот на цените на енергенсите и зголемените ценовни притисоци. Кога во јули го подготвувавме првиот ребаланс, проценките беа дека состојбата на меѓународните пазари постепено ќе се стабилизира. Во меѓувреме, за жал, се случи спротивното. Геополитичката криза се продлабочи, цените на енергенсите продолжија да растат, а Владата реагираше со конкретни мерки за да го ублажи ударот врз граѓаните и економијата“, рече Димитриеска-Кочоска.

    Таа посочи дека токму овие мерки имаат директно влијание врз буџетските приходи:

    „Токму затоа со вториот ребаланс ги усогласуваме приходите и расходите со реалните економски текови и обезбедуваме стабилно функционирање на Буџетот до крајот на годината. Сакам јасно да нагласам: вториот ребаланс не е резултат на проблеми со ликвидноста на Буџетот. Тој е одговор на променетите економски услови, со непроменет приоритет – заштита на граѓаните, исполнување на законските обврски, одржување на економската активност и фискална дисциплина“, акцентира министерката.

    Кај даночните приходи е направена корекција од 213,3 на 209,8 милијарди денари, односно намалување за 1,6 отсто. Кај неданочните приходи и донациите намалувањето е околу две милијарди денари и, според Министерството, главно произлегува од пролонгирање на проекти од самофинансирачките активности на буџетските корисници. Кај данокот на личен доход, данокот на добивка, ДДВ и царинските приходи очекувањата остануваат во рамките на претходно планираното.

    На расходната страна, новата проекција е 420,5 милијарди денари, што исто така е за околу 5,3 милијарди денари помалку од претходно планираното.

    Најголемата корекција е кај капиталните расходи – околу 5,7 милијарди денари, што министерката го објасни со пролонгирање на динамиката на реализација на дел од капиталните проекти. Намалување има и кај стоките и услугите и субвенциите, а се обезбедуваат дополнителни средства за социјално ранливите категории и здравствените услуги.

    „Ги намалуваме расходите таму каде што реализацијата е послаба или каде што не станува збор за највисоки приоритети. Но, не штедиме на она што е најважно. Обезбедуваме дополнителни средства за социјално ранливите категории и здравствените услуги. Кај капиталните расходи правиме корекција од околу 5,7 милијарди денари, пред сè поради пролонгирање на динамиката на реализација на одредени капитални проекти“, посочи Димитриеска-Кочоска.

    Според неа, намалувањето не значи откажување од капиталните инвестиции. Продолжува финансирањето на проектите во патната и железничката инфраструктура, одбраната, комуналната инфраструктура, животната средина, образованието, социјалната и детската заштита, земјоделството и локалната инфраструктура. Меѓу нив се Коридорот 8, Коридорот 10д, автопатската делница Скопје – Блаце и Пречистителната станица за отпадни води во Скопје.

    И покрај корекциите, Владата го задржува буџетскиот дефицит на 46,3 милијарди денари. Димитриеска-Кочоска наведе дека тоа е околу 4 отсто од БДП.

    Проекцијата за економскиот раст во 2026 година, исто така, останува непроменета на 3,5 насто, иако БДП во првата половина од годината забележал раст од 3,7 насто. Според министерката, претпазливоста останува поради конфликтите на Блискиот Исток и во Украина и неизвесноста во глобалната економија.

    Годинава државата треба да сервисира обврски од 76,6 милијарди денари, од кои 55,1 милијарда денари се за отплата на надворешниот долг, 19,9 милијарди за домашниот долг и 1,6 милијарди денари за одлив по даден заем кон Развојната банка. Дополнително, според министерката, се сервисираат и обврски по едногодишни државни хартии од вредност во износ од околу една милијарда евра.

    „Не дозволуваме променетите услови и мерките за заштита на граѓаните да доведат до неконтролирано зголемување на дефицитот. Напротив, со оптимизација на расходите го задржуваме утврдениот фискален таргет“, рече Димитриеска-Кочоска.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично