Две кошници, две пресметки и разлика од 10.201 денар. Толку се разликуваат владината августовска потрошувачка кошница и синдикалната минимална кошница. Првата изнесувала 58.475 денари и за 29 денари била поскапа од јулската, а втората 68.676 денари, со месечен раст од 177 денари.
Досега само ССМ ги пресметуваше основните месечни потреби на просечно четиричлено семејство, чии податоци предизвикуваа владини реакции и најави за објективна пресметка. Конечно, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, ја презентираше новата кошница, одраз на „реално остварената потрошувачка на домаќинствата и цените на производите и услугите на пазарот“.
„Нашата цел е јасна – да имаме реална и објективна слика за тоа колку трошат домаќинствата. За разлика од проценките што се прават според посакуваните потреби, нашата методологија се базира на податоци за реално остварената потрошувачка, во согласност со меѓународно прифатените статистички класификации“, истакна министерот.
Храната и пијалаците го претставуваат најголемиот трошок на домаќинствата, а според пресметките на Министерството, тие во август се намалени за 255 денари во споредба со претходниот месец. Поточно, биле потребни 21.132 денари. Наспроти тоа, во синдикалната кошница августовските издатоци за таа намена биле 25.032 денари.
Разлики има и кај облеката и обувките, образованието, домувањето и комуникациите. Станува збор за два различни пристапи кои, според Дурмиши, не треба директно да се поистоветуваат. Синдикалната методологија се темели на проценети потреби и вклучува и трошоци за алкохол, цигари и кирија, додека методологијата на Министерството ја следи реално остварената просечна потрошувачка на домаќинствата.
Просечната потрошувачка кошница опфаќа 11 категории трошоци, меѓу кои храна и пијалаци, домување, транспорт, здравство, образование, облека и обувки, комуникации и други производи и услуги.
При пресметката се користат податоци од Државниот завод за статистика, цените на производите во осум градови, податоци од 23 пазари за овошје и зеленчук, како и цените на најпродаваните прехранбени производи во петте најголеми и три регионални трговски синџири.
„Ние ги почитуваме синдикатите и нивната улога во заштитата на работничките права. Но, мора јасно да кажеме дека станува збор за две различни методологии. Не сакаме да навлегуваме во натпревар чија кошница е повисока или пониска. Нашата цел не е да ги минимизираме трошоците на граѓаните, туку да обезбедиме објективна и транспарентна слика за потрошувачката“, тврди Дурмиши.
ССМ во пресметките објавува податоци и за трошоците на семејствата што живеат под кирија, во стан од 60 квадратни метри. Таков параметар нема во владината кошница. Во однос на домувањето, Дурмиши се повика на податоците од Пописот во 2021 година, според кои, околу 95 проценти од населението живее во сопствен дом.
Различните пресметки можат да бидат корисни за јавноста, доколку се објасни што покажува секоја од нив и на кои податоци се темели, вели Дурмиши.
Министерството за економија и труд и во наредниот период ќе продолжи внимателно да ги следи движењата на цените, особено на основните прехранбени производи, како и да работи на мерки насочени кон заштита на животниот стандард и зајакнување на куповната моќ на граѓаните.
„За нас е важно економските политики да се темелат на факти, а не на претпоставки. Само со точни и транспарентни податоци можеме да креираме политики што одговараат на реалните економски состојби и потребите на граѓаните“, нагласува Дурмиши.
Аналитика








