Од 27.448 до речиси 100.000 денари: Кои автомобилски компании најдобро ги плаќаат вработените? Автомобилскиот бизнис плаќа сè подобро: просечната плата порасна за 9,7 насто, а најплатените земаат и над 90.000 денари
Во трговијата на големо со моторни возила се вртат големи пари, па се наметнува прашањето дали и вработените во овој сектор имаат примања што обезбедуваат живот над македонскиот просек. Колку навистина заработуваат вработените во големопродажбата на автомобили, џипови, камиони и автобуси, и дали обемот на активностите бара ангажирање на голем број работници?
Одговорите ги побаравме во податоците од Бизнис Мрежа на кои се базира анализата на Пари. Генералните бројки, кои опфаќаат 123 компании со објавени финансиски извештаи, покажуваат дека лани во оваа дејност биле вработени 672 лица, осум повеќе отколку во 2024 година. Просечната месечна плата, пак, била само малку над нивото на минималната плата. За една година се зголемила за 9,66 насто, од 25.030 на 27.448 денари.
Како и во секој друг сектор, зад просекот стојат големи разлики. Тоа е забележливо и меѓу десетте компании што се издвојуваат со убедливо највисоките примања. Износите се движат од над 55 илјади до речиси 100 илјади денари.

Извор: Бизнис Мрежа
ПОРШЕ И ЕУРОИМПЕКС ИМААТ ТИМОВИ ОД НАД 100 ВРАБОТЕНИ
Во десетте најголеми компании според бројот на вработени работат вкупно 435 лица. За една година нивниот број е намален за двајца, односно за 0,46 насто.
Најголема потреба од работна сила имаат две компании. И во 2024 година и лани, Порше Македонија функционирала со 103 вработени. Еуроимпекс ја зголемила екипата за петмина (+ 5,26 %), при што бројката на вработените се заокружила на 100.
Потоа е МАК Аутостар со 78 вработени, за двајца повеќе од 2024 година. Само за овие три компании работат вкупно 281 лице, што е над 64 насто од вработените кај најголемите работодавачи.
Понатаму, бројната состојба се намалува: во Автонова има 46 вработени, во МАН импортер Македонија 26, во Каргомакс 21 вработен. Во овој сегмент кај нив нема годишни промени.
Промените се забележливи при дното на листата: работната сила во Олимпиа моторс опаднала од 21 на 13 (‒ 38,10 %), а во Волво Македонија од 17 на 16.

Извор: Бизнис Мрежа
СКАНИА ГИ ЗГОЛЕМИЛА ПЛАТИТЕ ЗА 76,6 %, ПРОСЕКОТ ЗА МАЛКУ ПА 100.000 ДЕНАРИ
Во Сканиа Македонија просечната плата лани достигнала 99.934 денари. Тоа е дури 43.359 денари повеќе од просечната плата во целата дејност. Разликата е уште повпечатлива ако се има предвид дека компанијата во текот на годината ги зголемила платите за 76,64 насто. Прекланскиот просек бил 56.575 денари.
Вработените во Волво Македонија имале просечна плата од 93.695 денари (+ 4,58 %), а кај најголемиот работодавач – Порше Македонија ‒ изнесувала 86.354 денари, што е зголемување од 7,6 насто.
Четврта на листата според висината на просечната плата е МАК Аутостар. По растот од 15,3 насто, просекот достигнал 79.388 денари.
Меѓу најплатените се и Траилер центер Југ-Исток, со 73.924 денари, Виртус Ауто со 71.198 денари и МАН импортер Македонија со 70.551 денар. Токму Виртус Ауто е рекордер според процентуалниот раст на просечната плата – тој изнесува 198,19 насто, но до овој скок дошло откако бројот на вработените се преполовил од двајца на еден.

Извор: Бизнис Мрежа
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








