Кога во 1994 година САД за првпат организираа Светско првенство, приходите на ФИФА се мереа во стотици милиони долари. Три децении подоцна, истата земја, заедно со Канада и Мексико, е домаќин на најголемиот фудбалски настан што треба да донесе приходи од 8,9 милијарди долари за само една година.
Според финансиските проекции на ФИФА, циклусот 2023–2026 ќе заврши со рекордни 13 милијарди долари приходи, што е за 72 насто повеќе од претходниот четиригодишен циклус, чиј врв беше Светското првенство во Катар во 2022 година. Тогаш вкупните приходи изнесуваа 7,57 милијарди долари.
Причината за огромниот скок е едноставна – Светското првенство ќе биде поголемо од кога било.
Наместо 32 репрезентации, настапуваат 48 селекции. Наместо 64 натпревари, ќе се играат 104. Тоа е зголемување од 63 насто на бројот на натпревари и отвора простор за многу повеќе телевизиски преноси, билети, реклами и спонзорски договори.

ТЕЛЕВИЗИЈАТА КАКО ЗЛАТНАТА КОКОШКА
Најголемиот дел од приходите ќе дојдат од телевизиските права.
ФИФА очекува да инкасира околу 3,9 милијарди долари само од продажбата на ТВ-преноси. На тој начин ќе обезбеди 44 отсто од сите приходи поврзани со Мундијалот. Натпреварите ќе се емитуваат во повеќе од 200 држави и територии ширум светот.
Практично, секој дополнителен натпревар значи и дополнителни часови телевизиска програма што телевизиските куќи се подготвени скапо да ги платат.
И уште едно очекување на ФИФА – натпреварите би требало да генерираат шест милијарди телевизиски гледања ширум светот.
ТРИ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ОД БИЛЕТИ
Најголемиот раст кај приливите, сепак доаѓа од билетите и од ВИП-пакетите. Цените се движат од 60 долари за најевтините категории натпревари од групната фаза, па до над 6.700 долари за најдобрите места на финалето. Најскапите ВИП-пакети за финалето чинат колку луксузен автомобил – повеќе од 70.000 долари по лице.
За разлика од претходно, ФИФА за првпат широко применува динамично формирање на цените – билетите поскапуваат кога побарувачката е голема. Кај некои натпревари од завршницата цените веќе се зголемени за повеќе од 20 насто во однос на првичните понуди.
Познато е, Катар 2022 донесе 929 милиони долари од продажбата на билети и угостителство. За 2026 година проекциите се трипати повисоки – околу три милијарди долари.
На стадионите во САД, Канада и Мексико ФИФА очекува околу 6,5 милиони гледачи, што би било убедливо најпосетеното Светско првенство во историјата.
Организацијата во САД, Канада и Мексико отвора многу поголем простор за продажба на ВИП-билети, корпоративни ложи и специјални угостителски пакети. Интересот е рекорден – официјалниот партнер на ФИФА за hospitality-програмата, On Location, објави дека веќе се распределени повеќе од 500 илјади премиум пакети, а побарувачката веќе ги надминува досегашните рекорди поставени на претходните светски првенства.
ГОЛЕМИТЕ БРЕНДОВИ НЕ ПРАШУВААТ ЗА ЦЕНА – ПЛАЌААТ
Спонзорите го претставуваат третиот столб на приходите.
ФИФА очекува околу 2,8 милијарди долари од маркетиншките активности и од спонзорските права. Глобалните брендови како Visa, Coca-Cola, Adidas, Hyundai и други плаќаат стотици милиони долари за нивните лога да бидат поврзани со најгледаниот спортски настан во светот.
Првпат во фудбалската историја Светското првенство се организира во три држави. Ќе трае 39 дена, а натпреварите ќе се играат во 16 градови. САД ќе бидат домаќини на 78 од вкупно 104 натпревари.
ФИФА е на добар пат да го организира не само најголемиот Мундијал во историјата, туку и еден од најпрофитабилните спортски настани што некогаш биле одржани.

М.А.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








