ПОВЕЌЕ

    Бин Бин и Е-Инџој: кој вози подобро во бизнисот со тротинети?

    Време зa читање: 4 минути

    Електричните тротинети за релативно кусо време станаа дел од секојдневната сообраќајна слика. За некого се брза алтернатива на автомобилот, а за друг начин да се избегне гужвата. За компаниите што ги изнајмуваат – нов пазар во урбаната мобилност.

    Изборот е меѓу црните и сините тротинети на Е-Инџој и на Бин Бин Скутер. Фирмите се како близначки. Основани се во 2023 година, првата на 2 март, а втората на 3 март. Сепак, освен по основачкиот капитал – домашен и турски, прилично се различни и по деловните резултати прикажани за 2025 година.

    Пари преку анализата го скенира нивното работење преку податоците од базата на Бизнис Мрежа.

    БИН БИН: ПОМАЛКУ ВРАБОТЕНИ, ПОВИСОКИ ПЛАТИ, НО И ПОГОЛЕМА ЗАГУБА

    Со слоганот „Да ме познаваше, и ти ќе ме возеше“, Бин Бин се претставува не само како изнајмувач на тротинети, туку како технолошка компанија што нуди поинаков начин на движење низ градските улици и метеж.

    Фирмата е во турска сопственост и од самиот почеток се бори со „детските болести“ што ги носи основањето и стартот на бизнисот. Во текот на минатата година, корисниците на изнајмените сини тротинети направиле промет од 281,2 илјади евра. Приливите се за речиси 65 илјади евра, односно за 18,74 насто, пониски во споредба со 2024 година. Во ставката приход тогаш биле запишани 346,1 илјада евра.

    Приходот паднал, но платите значително пораснале. Просечната плата достигнала 52.798 денари. Примањата се зголемиле за солидни 58,70 насто. Една година порано просекот бил во износ од 33.270 денари.

    Меѓутоа, тој раст одел паралелно со намалувањето на работната сила. Бројот на вработените за една година се намалил од 14 на шест лица, или за 57,14 насто. Накусо, тимот се редуцирал повеќе од двојно, а просечната плата е повисока за речиси 20.000 денари.

    Откако ќе се пресметаат приходот и сите трошоци од 600,1 илјада евра (+ 7,28 %), под линијата останува финансискиот резултат, кој во овој случај не е позитивен. Загубата за 2025 година изнесува 319,7 илјади евра. Минусот е продлабочен во однос на прекланските 214,1 илјада евра.

    Услугите на Бин Бин се користат преку мобилна апликација ‒ корисникот на мапа го наоѓа најблискиот слободен тротинет, го скенира QR-кодот и го започнува возењето. Апликацијата е актуелна и е ажурирана на 7 август.

    Бин Бин на својата веб-страница се претставува како технолошка компанија специјализирана за микромобилност, основана во Турција во 2019 година. Компанијата наведува дека развива сопствена технологија и инженерски решенија за урбан транспорт, а во промет има повеќе од 25 илјади тротинети.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Е-ИНЏОЈ: ЧЕТИРИКРАТНО ЗГОЛЕМЕН ПРИХОД ЗА ИЗЛЕЗ ОД ЗАГУБА

    Сосем поинаква е состојбата кај Е-Инџој. Фирмата лани работела подобро отколку во 2024 година, а тоа се одразило на приходот: од 12,5 илјади преклани на 49,8 илјади евра лани. Растот е означен со плус 298,32 насто. Прометот е речиси четирикратно поголем.

    Тоа движење имало влијание и врз конечниот годишен резултат. Од компанија со загуба, компанијата станала профитабилна – 2024 година била заокружена со загуба од 3,8 илјади евра, а веќе во 2025 година е забележана добивка од 14,9 илјади евра.

    Од основањето наваму, Е-Инџој работи со само двајца вработени. Просечната плата лани изнесувала 24.480 денари. Годишниот раст е од скромни 3,69 насто.

    Е-Инџој функционира како услуга за изнајмување електрични тротинети во Скопје и се промовира како брза, евтина и еколошка алтернатива за градско движење. Возењето чини 6,9 денари за минута, со дополнителни стартни 30 денари.

    „Вашата следна авантура е само еден тротинет далеку!“ – порачуваат од Е-Инџој.

    Извор: Бизнис Мрежа

    На своите веб-страници и двете компании имаат детални упатства за безбедно возење со електричните тротинети. Освен тоа, како учесници во сообраќајот, овие превозни средства и возачите влегоа во законска рамка што предвидува дека само полнолетни лица можат да управуваат електрични тротинети, максималната брзина е ограничена на 20 километри на час, заштитните кациги се задолжителни… Казните веќе се изрекуваат.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично