ПОВЕЌЕ

    АНАЛИЗА: САМО ГОДИНАВА ЌЕ СЕ ЗАДОЛЖИМЕ СО 1,66 МИЛИЈАРДИ ЕВРА, како беше пред 20 години?

    Време зa читање: 4 минути

    Пари“ бара одговор: Има ли излез од задолжувањата?

    Македонија ја заврши 2022 година со 7,7 милијарди евра јавен долг, што е 57,1 процент од бруто-домашниот производ. Тоа е историски најголем долг, но задолжувањето што се планира годинава, согласно со Буџетот за 2023 година, е над 1,6 милијарди евра!

    Анализата на буџетските податоци покажува дека со целиот овој износ нема да се зголеми јавниот долг, затоа што еден дел ќе се искористи за отплата на старите долгови, но, секако, задолжувањето е поголемо од самиот износ на отплата, особено што оваа година се предвидени и големи буџетски издатоци за енергетската криза. За отплата на стари долгови (домашни и странски) се планирани 847,4 милиони евра, а планираниот буџетски дефицит, како разлика меѓу приходите и расходите, е 695,3 милиони евра и тој мора да се финансира со задолжување. Владата планира од позајмиците да остави износ од 91,5 милиони евра на својата депозитна сметка во Народната банка.

    Овие податоци зборуваат дека со новата еврообврзницата од 600 милиони евра не сме ја завршиле работата за годинава. И во самиот Буџет за 2023 година е наведено дека се планира од странски извори да се позајми нешто над 1 милијарда евра, а од домашни извори планот е позајмица од 546,7 милиони евра. И со домашната позајмица ќе се отплатуваат веќе достасани обврски, од кои најголем дел државни хартии од вредност.

    Планирано задолжување во 2023 година

    Задолжување од странски извори1,08 милијарди евра
    Задолжување од домашни извори546,76 милиони евра
    Вкупно1,63 милијарди евра

    Отплата на долгови во 2023 година

    Отплата на странски долгови (главнина)593,58 милиони евра
    Отплата на домашни долгови (главнина) 253,84 милиони евра
    Вкупно847,4 милиони евра

    Како што беше соопштено од Министерството за финансии, задолжувањето со новата еврообврзница од 600 милиони евра ќе послужи за да се отплатат стари долгови, пред сѐ за еврообврзницата која беше издадена во 2016 година и која годинава доспева во целиот износ од 450 милиони евра плус камата од 25 милиони евра.

    Ова е деветта еврообврзница, а претходните осум во континуитет, почнувајќи од 2009 година, придонесуваат за раст на јавниот долг.

    СО ЕВРООБВРЗНИЦИ СМЕ СЕ ЗАДОЛЖИЛЕ НАД 4 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

    Со земените девет еврообврзници сме се задолжиле над 4 милијарди евра. Притоа, веќе станува пракса со една еврообврзница да крпиме доспеан долг од некоја друга претходна еврообврзница.

    Она што загрижува е што почнувајќи од 2025 година, заклучно со 2027 година, постојано ќе треба да враќаме огромни износи ‒ вкупно 2,5 милијарди евра за претходно издадените еврообврзници!

    Издадени 9 еврообврзници:

    ИздаденаИзнос (во милиони евра)Отплата
    2005 1502015
    2009175 2013
    20145002021
    2015270 2020
    2016 4502023
    2018500 2025
    20207002026
    2021 7002028
    20236002027

    ЗА ДВЕ ДЕЦЕНИИ ДОЛГОТ СЕ ЗГОЛЕМИЛ ЧЕТИРИ ПАТИ

    Според проекцијата на Министерството за финансии, годинава треба да ја завршиме со јавен долг од 60,6 % од БДП. Во апсолутен износ, ако се оди по планот, годинава би требало да ја завршиме со јавен долг од околу 8,5 милијарди евра.

    Во 2002 година јавниот долг беше 1,8 милијарди евра, или 43,2 % од БДП. Потоа, се намалуваше во наредните две години, за во 2005 година да се зголеми и достигне 1,99 милијарда евра, или 39,6 % од БДП. Тогаш беше издадена и првата еврообврзница од 150 милиони евра, со рок на враќање од 10 години.

    Најнизок јавен долг е забележан во 2008 година, кога изнесувал 1,56 милијарди евра, или 23 % од БДП.

    Во 2009 година се издава втората еврообврзница, во исклучително тешки услови на меѓународниот пазар на пари, во екот на Глобалната финансиска криза. Таа е издадена на 175 милиони евра, со рок на отплата од три и пол години и највисока камата досега од 9,875 %.

    Оттогаш јавниот долг во континуитет расте: од 1,8 милијарди евра во 2002 година до 7,7 милијарди евра заклучно со 2022 година:

    Извор: Министерство за финансии

    Паралелно со растот на јавниот долг, растеше и неговото процентуално учество во БДП:

    Извор: Министерство за финансии

    Лектор: Христина Ангелеска

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично