Послаба трговска активност на Македонската берза во октомври. Намалениот интерес на инвеститорите предизвикал месечен пад од 45,56 отсто кај вкупниот промет. Месецот е заокружен со износ од 3,55 милиони евра. Бројот на трансакции се спуштил на 1.054, што претставува намалување од 33,79 отсто во споредба со септември.
Кај класичното тргување бил реализиран промет од речиси 3,1 милион евра, наспроти септемвриските 4,5 милиони евра, или помалку за 31,34 отсто. Од тоа, придонесот на акциите е 3.05 милиони евра, проследен со месечен пад од 31,66 отсто. Кај обврзниците, пак, прометот пораснал од само 24.832 денари на 905.665 денари (14,7 илјади евра), односно за 3.547,10 насто.
И блок-трансакциите бележат пад – од 29,44 отсто. Во октомври преку нив бил реализиран промет од 486,8 илјади евра. Истовремено, нивниот број се намалил од четири на само една, односно за 75 отсто.
Во ваков амбиент, најголемиот дел од прометот со акции бил концентриран кај пет компании.
Најтргувана била акцијата на Комерцијална банка, со промет од 1.192.582 евра. Во текот на октомври биле истргувани 2.993 акции преку 372 трансакции. Максималната цена изнесувала 25.698 денари, минималната 24.000 денари, а просечната 24.555,81 денар. Според податоците, учеството на акцијата во прометот изнесувало 39,15 отсто.
Преку 222 трансакции истргувани се 1.871 акција на Алкалоид. Месечниот промет е во износ од 677.022 евра. Ценовните движења оделе од минималните 21.998 денари до максималните 23.400 денари, со просек од 22.296,89 денари. Има удел во прометот од 22,22 отсто.
Следува акцијата на Макпетрол, со реализација од 341.918 евра и учество од 11,23 отсто. Во октомври биле истргувани 199 акции преку 86 трансакции. Притоа најниската вредност за акција била 104.599 денари, највисоката 106.999 денари, а просечната 105.912,53 денари.
Тргувањето со акциите на НЛБ Банка донело промет од 244.006 евра. Регистрирани се 72 трансакции, преку кои е извршена купопродажба на 306 акции. Во октомври максималната цена достигнала 50.000 денари, минималната била 47.500 денари, а просечната е 49.123,91 денар. Учеството во прометот било 8,01 отсто.
Петтото место го зазема акцијата на Македонски Телеком, со промет од 135.539 евра, кој во вкупниот промет на берзата има удел од 4,45 отсто. Истргувани биле 17.608 акции низ 93 трансакции. Забележан е ценовен максимум од 500 денари, минимум од 460 денари, а средната месечна вредност е 474,24 денари..
Петте најтргувани акции заедно оствариле промет од близу 2,6 милиони евра. Тоа претставува 84,86 отсто од вкупниот промет со акции од 3.05 милиони евра. Ако се стави тој износ во контекст на целокупниот октомвриски промет на Берзата, нивниот заеднички удел изнесува 72,89 отсто.
Октомвриската слика ја заокружуваат и негативните движења кај пазарната капитализација и индексот МБИ10. Пазарната капитализација се намалила за 2,30 отсто, на 319.962.582.018 денари, односно 5,2 милијарди евра. Основниот берзански индекс МБИ10 месецот го завршил на 8.875,19 поени, со пад од 1,87 отсто.
Аналитика








