
Македонската царина во 2025 година значително го промени начинот на контролирање на стоката. Додека физичките проверки станаа повеќе од двојно почести, контролите што се вршат само преку документација се намалија. Истовремено, вкупните приходи наплатени од Царинската управа надминаа 2,1 милијарди евра, а Европската комисија потврди дека Македонија има добро ниво на подготвеност во областа на Царинската унија. Сепак, дел од реформите остануваат незавршени.
Еден од поинтересните податоци во најновиот извештај на Европската комисија е промената во структурата на царинските контроли. Учеството на физичките проверки во вкупно обработените царински декларации пораснало од 5,5 проценти во 2024 на 13,5 проценти во 2025 година. Наспроти тоа, учеството на контролите на документацијата се намалило од 17,4 на 9,5 проценти.
Овие бројки покажуваат значителна промена во распределбата на проверките. Според Европската комисија, царинските контроли се засноваат на анализа на ризик, разузнавачки информации и податоци обезбедени пред пристигнувањето на стоката. Воведен е и нов систем за управување со ризици, заедно со централизирана база на царински податоци.
Паралелно со промените во контролите, Царинската управа наплатила над 2,1 милијарди евра приходи во 2025 година, што е зголемување од 5,2 проценти во споредба со претходната година. Станува збор за вкупно наплатените приходи, а не само за царински давачки.
Европската комисија го нотира и зајакнувањето на капацитетите за контрола и истраги. Со финансиска поддршка од европските фондови набавени се возила за мобилните царински единици, заштитна опрема и нова ИТ-инфраструктура. Во 2025 година Царинската управа учествувала и во пет меѓународни операции.
Но, за компаниите што увезуваат и извезуваат стока, важен е и напредокот во дигитализацијата на царинските постапки. Започната е пилот-фаза на системите за регистрација и идентификација на економските оператори, како и за управување со корисниците и дигиталниот потпис. Продолжува и усогласувањето на царинските правила со европското законодавство.
Сепак, добрата оценка не значи дека реформите се завршени. Европската комисија констатира дека Македонија има добро ниво на подготвеност во Поглавјето 29 – Царинска унија, но напредокот во последниот извештаен период е оценет како одреден. За разлика од годинава, во извештајот за 2025 година беше забележан добар напредок.
Меѓу приоритетите што Брисел ги посочува остануваат понатамошната надградба на царинските ИТ-системи, преминувањето на нова фаза од компјутеризираниот транзитен систем и зајакнувањето на борбата против царинските измами, особено шверцот со тутунски производи.
На состанокот посветен на трговијата, индустријата, царината и оданочувањето, одржан на 30 октомври во Брисел, Европската комисија го поздрави подобрувањето на царинските постапки, но побара и побрзо донесување на новиот Царински законик и придружните подзаконски акти.
Важноста на овие реформи е особено голема ако се има предвид дека 76 проценти од македонскиот извоз е насочен кон Европската Унија. Затоа, усогласувањето на царинските процедури и дигиталните системи не е само обврска во европските интеграции, туку и важен дел од условите во кои работат домашните извозници.
Македонија има позитивна оценка и повисока царинска наплата, но следниот предизвик е реформите да обезбедат и ефикасни, предвидливи и усогласени царински постапки за компаниите што тргуваат со европскиот пазар.
(Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)
Аналитика








