ПОВЕЌЕ

    Заеми, фиктивни долгови и перење пари: Двајца кумановци во притвор, еден во куќен притвор  

    Време зa читање: 4 минути

    Заем од 4.000 евра што за само еден месец требало да биде вратен со уште 2.500 евра камата, фиктивни договори, фалсификувани потписи, преземање автомобил за непостоечки долг, користење банкарски сметки на оштетени лица и извлекување пари во готовина – ова е дел од шемата што, според Обвинителството и полицијата, ја користела организирана група од Куманово која се истражува за изнуда и перење пари

    Двајца осомничени се во притвор, еден е во куќен притвор, а четвртиот доби забрана за патување, откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага за злосторничко здружување, перење пари и изнуда. Со предлогот за определување мерки е опфатено и петто лице, кое во моментов е недостапно за органите на прогонот.

    Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ги прифатил предложените мерки за обезбедување присуство на осомничените и непречено водење на постапката.

    За Д.П. (37) и М.К. (27) е определен притвор во траење до 30 дена. Како причини се наведуваат опасноста од бегство, можноста да го повторат или довршат кривичното дело, како и ризикот да влијаат врз сведоци и да ја попречат истрагата.

    На Л.К. (73) му е определен куќен притвор, додека за Д.Ж. (43) се изречени мерки на претпазливост. Неговата патна исправа ќе биде одземена, а забрането е и издавање нова, со цел да се спречи напуштање на државата.

    Истрагата, според Обвинителството, се однесува на група која подолг период, почнувајќи од 2021 година, користела закани, финансиска зависност и фиктивни документи за да изнудува пари и да пушта во оптек средства за кои постои сомнение дека потекнувале од кривични дела.

    „Во текот на подолг временски период, односно од 2021 година, групата што ја формирал првоосомничениот кумановец, со груби закани изнудувала пари од оштетени лица, присилувајќи ги и најчесто искористувајќи ја нивната зависност поради претходна позајмица“, наведува ОЈО.

    Од заем до фиктивен долг – Еден од случаите што ги наведува Обвинителството започнал со позајмица од 4.000 евра. Оштетена жена побарала заем од првоосомничениот и усно се согласила парите да ги врати за еден месец со дополнителни 2.500 евра камата. Иако, според ОЈО, во целост го вратила договорениот износ, осомничениот побарал да ја користи нејзината банкарска сметка за преку неа да пушта во оптек пари прибавени со изнуди.

    „Жртвата одбила, а тој почнал да ѝ се заканува, барајќи да го стави нејзиниот автомобил како наводен залог за фиктивни долгови“, наведува Обвинителството.

    Потоа, според истрагата, бил изготвен фиктивен договор за купопродажба на возилото, кој требало да послужи како гаранција за наводен заем. Дополнително бил составен и уште еден фиктивен договор за заем во износ од 1.000.000 денари.

    ОЈО наведува дека на договорите за залог и заем осомничените го фалсификувале потписот на оштетената како заемопримач и без нејзино знаење ги завериле кај нотар. Врз основа на тие документи, сопственоста на возилото подоцна била променета во корист на еден од осомничените, а жената била принудена да го исплати и наводниот паричен долг.

    Осомничен и нотар – Во постапката е опфатен и нотарот кој ги заверил спорните документи.

    „Нотарот кој дозволил да се заверат вакви лажни документи е осомничен за несовесно работење во службата“, соопшти ОЈО.

    За него до судот е доставен предлог за определување мерки на претпазливост.

    Пари за лекување на сопругата, па нови барања за камата – Во вториот случај што го објави Обвинителството, оштетен маж уште во 2021 година двапати позајмил по 180.000 денари од осомничениот организатор на групата. Парите му биле потребни за лекување на сопругата.

    Иако, според ОЈО, ги вратил позајмените средства согласно договорите, осомничените продолжиле да бараат дополнителни исплати како камата. Потоа, според сомневањата, ја искористиле неговата финансиска зависност за преку неговата банкарска сметка да префрлаат поголеми суми пари.

    „Го принудиле да ја користат неговата сметка за да префрлаат големи суми на пари од изнуда како формални заеми и да ги извлекуваат во готовина“, наведува Обвинителството.

    Полициската акција беше спроведена вчера, при што беа извршени претреси на шест локации во Куманово. Пронајдени и одземени биле договори за заем со, како што наведува полицијата, „нереално високи камати“, договори за солемнизација на недвижен имот, поголема сума пари, патнички возила, мобилни телефони и други електронски уреди.

    (Фото: МВР)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично