ПОВЕЌЕ

    ПРЕСВРТ ВО ПРЕТПРИЕМНИШТВОТО: Повеќе бизнис со 9.476 нови фирми

    Време зa читање: 6 минути

    Подем на деловната иницијатива во Македонија се забележува лани. Во 2025 година е прекината линијата што го означуваше падот на интересот за отпочнување сопствен бизнис. Отворени се 9.476 нови фирми, што е за 1.297 повеќе во однос на 2024 година.

    Овој раст се случува во услови, кои, и глобално и локално, не се наклонети кон претприемништвото. Војните, високите и променливи цени, инфлацијата, неизвесноста на пазарите, поскапото финансирање и нарушените синџири на снабдување се реалност со која се соочуваат бизнисите ширум светот. Во таков амбиент, одлуката за отворање фирма подразбира внимателна процена на ризиците, обезбедување почетен капитал, административна подготвеност, стабилни деловни партнери и, секако, способност за брзо прилагодување кон промените.

    Сепак, оваа анализа на Пари, базирана врз податоците на БизнисМрежа, покажува дека дел од македонските претприемачи ги препознале можностите за создавање нови бизниси. Особено е така во дејностите поврзани со трговија, услуги и градежништво.

    ДОМИНАЦИЈА НА ТРГОВИЈАТА И УСЛУГИТЕ

    Концентрација на новооснованите фирми е забележлива во секторите што обезбедуваат побрз влез на пазарот и се пониски иницијални бариери. Вообичаено, трговијата – и на мало и на големо ‒ е првиот избор. На овој простор од лани функционираат уште 1.762 фирми. Меѓутоа, во оваа дејност сѐ уште се протега опаѓачката низа – во 2024 година 1.818 фирми почнале со работа, во 2023 година 2.204 фирми…

    Високо котира и секторот други услужни дејности, со 1.554 фирми, што е и очекувано, со оглед дека опфаќа широк спектар на мали и микробизниси од типот на фризерски и козметички салони, услуги за лична нега, одржување и поправки, перење и хемиско чистење… Станува збор за активности со ниски влезни бариери, кои најчесто се потпираат врз личните вештини и овозможуваат релативно брз почеток на деловното работење. И покрај тоа, во 2024 година оваа дејност не беше дел од тогашната топ 5 листа.

    Со 952 новоосновани фирми, градежништвото и овојпат ја задржа третата позиција. Воедно, тоа е дејност каде што растот е константен: преклани биле формирани 894, а во 2023 година – 854 фирми. А, зошто е тоа така, покажуваат градилиштата низ државата, како и месечните статистики за издадените градежни дозволи, за високоградбата и бројот на новите станови.

    И сместувањето и послужувањето храна е повторно на четвртото место меѓу топ петте дејности што се сметаат за деловно перспективни. Отворени се 947 фирми, за 144 повеќе споредено со 2024 година (803).

    Со спроведените активности поврзани со отпочнувањето бизниси, пласман во првата петорка обезбедија и стручните, научни и технички дејности. Во оваа област се отворени 867 нови фирми.

    Повеќе од сто нови фирми има уште во девет дејности, меѓу кои се издвојуваат преработувачката индустрија (813) и транспорт и складирање (686). Секторите со повисока технолошка содржина, како информатичките дејности, бележат 399 нови фирми. Најмал интерес, според новоотворените субјекти, има во финансиските и осигурителни дејности (23 фирми), во снабдувањето со вода и управување со отпад (19), во рударството (18) и јавната управа (8).

    Извор: БизнисМрежа

    ДООЕЛ СЕ 58 НАСТО ОД НОВИТЕ ФИРМИ

    Нема промени во структурата според видот на регистрираните нови фирми. И понатаму најголем дел од нив ‒ 5.527 се форматирани како ДООЕЛ. Во вкупната бројка зафаќаат 58,3 насто, што, пак, посочува на ориентацијата кон микро- и малите бизниси со поедноставена сопственичка структура. Само за споредба, во 2024 година биле формирани 4.802, а во 2023 година 4.927 вакви фирми.

    Следуваат ДОО со 1.502 фирми, како и категоријата друго со 1.594 субјекти. Трговците поединци учествуваат со 780 фирми, додека акционерските друштва се симболично застапени со само 5 нови АД. Сѐ на сѐ, претприемничкиот бран лани бил насочен првенствено кон помалите и флексибилни деловни модели.

    Извор: БизнисМрежа

    ДВЕ ПЕТТИНИ ОД ФИРМИТЕ ИМААТ АДРЕСА ВО СКОПЈЕ

    Регионалната распределба ја потврдува централизацијата на деловната активност. Со 3.725 новоотворени фирми, Скопје учествува со речиси две петтини од вкупниот број. Тој сооднос е речиси ист како и преклани (3.326).

    И овојпат зад главниот град се рангира Тетово. Таму лани се отворени 504 нови фирми, за разлика од прекланските 470.

    Меѓу деловно најактивните градови се Куманово (479), Битола (460) и Гостивар (347).

    Всушност, бизнис-иницијатива е поизразена во поголемите регионални центри: Охрид (339), Струга (329), Прилеп (286), Струмица (285), односно со повеќе од 100 новоосновани фирми се вкупно 15 градови.

    Извор: БизнисМрежа

    НОЕМВРИ – МЕСЕЦ ЗА НОВИ БИЗНИСИ

    Повеќе од една четвртина од новите фирми (26,4 насто) се основани во ноември. Станува збор за 2.500 регистрирани фирми, кои имаат значително влијание во годишниот скор. Расчекорот со другите месеци е огромен. Всушност, тоа е единствениот четирицифрен број. Месецот пред тоа минал со 630, а месецот потоа со 639 фирми.

    Во повеќето месеци бројките се движат меѓу 600 и 700 нови фирми. Најмалку фирми се регистрирани во август (487) и јуни (502).

    Извор: БизнисМрежа

    Според податоците, интересот за започнување бизнис повторно расте. Само за пример, преклани биле отворени 8.179 нови фирми, во 2023 година ‒ 8.517, во 2022 година ‒ 8.665, а во 2021 година биле регистрирани 8.668 фирми.

    Но, тој подем е сега на тест. Новооснованите фирми треба да покажат издржливост и одржливост, како и способност да опстанат и да растат во неизвесни околности.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично