ПОВЕЌЕ

    Халк банка никој не ја стига во привлекување на новоотворени фирми

    Време зa читање: 5 минути

    Се отвора фирма – се отвора и банкарска сметка. Тој чекор, кој е меѓу првите формални обврски за секој нов бизнис, и минатата година најчесто водел кон неколку доминантни банки. Првенствено кон Халк банка. Од вкупно регистрираните 9.476 нови фирми, 2.550 или повеќе од една четвртина (26,9 %) ја избрале за свој партнер. Се работи за 452 фирми повеќе отколку во 2024 година. Раст е забележан и кај другите банки, а причината за тоа е интензивираната деловна активност согледана преку отворањето фирми.

    На врвот од листата топ избрани матични банки неколку години со ред Халк банка е константа. Но, 2025 година донела извесни промени во составот. На второто и третото место има речиси идентични бројки: Комерцијална банка со 1.636 клиенти и НЛБ банка со 1.635. Разликата е минимална, но доволна Комерцијална банка да го преземе второто место. За споредба, во 2024 година НЛБ банка имаше 1.505, а Комерцијална банка 1.414 нови клиенти.

    Следуваат Стопанска банка Скопје со 1.068 фирми (978 во 2024) и ПроКредит банка со 572, која се пробива во топ 5, потиснувајќи ја Шпаркасе банка со стекнатите 562 нови клиенти (494 во 2024). Останатите банки имаат помал, а некои и значително помал удел, со што повторно се потенцира концентрацијата на пазарот.

    Изборот на матична банка не е случаен. Тоа е резултат на континуитетот, довербата и позиционираноста на банките во сегментот на микро, мали и средни претпријатија, покажува анализата (како впрочем и претходните на оваа тема), што Пари ја направи во соработка со БизнисМрежа.

    Извор: БизнисМрежа

    БАНКИТЕ НАЈМНОГУ СОРАБОТУВААТ СО ТРГОВЦИТЕ

    Кај ТОП 5 дејностите, трговијата на големо и мало е најзастапена кај сите банки, од едноставна причина што во тој сектор се отворени и најголем број од фирмите (1.762). Само кај Халк банка се регистрирани 551 трговска фирма, а следуваат НЛБ (268) и Комерцијална банка (260).

    Висока застапеност имаат и другите услужни дејности (1.554 новоотворени фирми). Притоа Халк (328), Комерцијална (328) и НЛБ банка (295) бележат речиси изедначени бројки, што упатува на силна конкуренција во овој сегмент.

    Градежништвото (со вкупно 952 нови фирми), сместувањето и угостителството (947), како и стручните и технички дејности (867), се стабилно присутни кај водечките банки. Сепак, секаде првиот избор е Халк банка.

    Извор: БизнисМрежа

    НАЈБРОЈНИ КЛИЕНТИТЕ ОД ДООЕЛ ФОРМАТОТ

    Определбата за „сам свој газда“ се рефлектира кај бројноста на новосоздадените ДООЕЛ фирми (5.527), кои се доминантни и во клиентската база на водечките банки. Кај Халк банка се обратиле дури 1.563. Тоа е речиси третина од сите во тој формат (28,3 %). И, 61,3 отсто од сите нови фирми (2.550) што воспоставиле соработка со таа банка.

    Слична е сликата и кај Комерцијална банка (930) и кај НЛБ банка (965).

    ДОО формата (1.502) е вториот најчест избор, а избраната банка најчесто е Халк (492), а потоа Комерцијална банка (217). Трговците поединци (780) се присутни, но со значително помал удел. Новостартуваните бизниси се речиси целосно ориентирани кон малите и флексибилни деловни форми, а потврда за тоа се акционерските друштва. Лани се отворени 5 АД фирми, а распоредени се кај пет банки.

    Извор: БизнисМрежа

    НАВАЛИЦА НА НОВИ КЛИЕНТИ ВО НОЕМВРИ

    Секој месец се појавувале нови фирми и секој месец во банките се пополнувале формулари за отворање сметки. Некогаш помалку (487 – август), некогаш повеќе (769  јануари). Исклучок е ноември. Тогаш биле формирани 2.500 фирми.

    Близу една четвртина (23,7 %) од нив за матична ја посакале Халк банка. Во текот на тој месец банката стекнала 592 нови клиенти. За НЛБ банка се определиле 459, а за Комерцијална банка сопствениците на 369 од новоотворените фирми.

    Во останатите месеци од минатата година не се евидентирани големи осцилации, а бројките се движат од неколку десетици до нешто над 200 нови клиенти по банка.

    Извор: БизнисМрежа

    Соработката меѓу фирмите и банките не е сведена само на сметките. Банкарскиот сектор е насочен кон стопанството, пред сѐ кон микро и малите бизниси. А, банките не се само сервис, туку и еден од клучните двигатели на претприемничкиот раст.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    ПРЕСВРТ ВО ПРЕТПРИЕМНИШТВОТО: Повеќе бизнис со 9.476 нови фирми

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично