ПОВЕЌЕ

    Гувернерот предлага намалување на провизиите, од МБА велат – секоја банка има своја ценовна политика

    Време зa читање: 4 минути

    Провизиите да се постават на ниво кое ќе биде одржливо за банките, но истовремено да бидат фер и прифатливи за корисниците. Некои од нив и да се укинат. Народната банка е подготвена да го направи првиот чекор во оваа насока – со намалување на надоместоците што ги плаќаат банките за користење на услугите во МИПС. Ова е предлогот што гувернерот Трајко Славески го презентираше на работната средба во Македонската банкарска асоцијација, пред претставниците на членките. Во иднина ќее се зборува за тоа, но цените на банкарските услуги се определуваат индивидуално од страна на секоја банка, посочи претседателката на МБА, Маја Стевкова Штериева.

    „Денес доаѓаме со понуда до банките, Народната банка да го направи првиот чекор со намалување на надоместоците што ги плаќаат банките за користење на услугите во МИПС, како што се надоместоците поврзани со долговниот промет. Очекуваме и банките во најкус можен рок да ја ревидираат висината на надоместоците за извршување на плаќањата за граѓаните и компаниите и да ги постават на разумно ниво“, истакна гувернерот Славески.

    Притоа, изнесе конкретни примери каде би можело да се интервенира. Според него, треба да се намалат надоместоците за одржување на платежната сметка, кои за компаниите претставуваат голем трошок, особено за малите и средните. Значително треба да се намалат надоместоците за меѓубанкарските плаќања во домашната валута кои се извршуваат преку платните системи КИБС и МИПС. Надоместоците за подигнување готовина на туѓи банкомати во земјата и странство треба да се намалат и поедностават како фиксен трошок по трансакција. Исто како и оние за прифаќање картички на продажни места кај трговците.

    Како провизии кои можат да се укинат, Славески ги наведе:

    Надоместоците за користење на електронското и мобилното банкарство, во услови кога се наплатуваат надоместоци за одржување на платежната сметка, претставуваат дополнителен трошок;

    надоместоците за плаќањата со платни налози во рамки на банката, имајќи предвид дека за нивното извршување не е потребно користење на платните системи кои создаваат трошоци за банките.

    Гувернерот потенцира дека следејќи го примерот на земјите од ЕУ, кои значително ја изменија регулаторната рамка за начинот на кој се извршуваат платежните услуги, нашата земја направи значителен напредок во осовременувањето и усогласувањето со европското законодавство и практики, што придонесе да станеме членка на Единствената област за плаќања во евра – СЕПА. „Со новата правна рамка, во нашата држава е создадена средина во која платежните услуги се третираат како услуги од јавен интерес. Тоа значи дека секој граѓанин, без разлика на својата социјална положба, место на живеење или степен на дигитална писменост, треба да има пристап до сигурни, квалитетни и достапни платежни услуги. Ваквиот пристап подразбира и поставување на надоместоците на разумно ниво за сите корисници“.

    Во своето излагање, претседателката на МБА потенцираше дека цените на банкарските услуги се определуваат индивидуално од страна на секоја банка, преку органите на управување, а Македонската банкарска асоцијација, од своето основање до денес, никогаш не дискутирала за цените на производите или услугите како заедничка тема. „Во иднина, ќе продолжиме да дискутираме за можните насоки на дејствување, но одлуките за цените остануваат во надлежност на секоја банка поединечно“, истакна таа.

    Воедно, Стевкова Штериева посочи дека е важно да се согледа контекстот на податоците што се објавуваат во јавноста, особено во однос на учеството на надоместоците во приходите на банките. Таа додаде дека банкарскиот сектор е меѓу најтранспарентните во земјата, обврзан да објавува точни и детални информации согласно регулативата, што не е случај со голем дел од другите сектори во економијата.

    Во однос на евентуалното намалување на одредени надоместоци, таа посочи дека станува збор за сложен процес кој бара внимателна анализа на трошоците, особено имајќи ги предвид значајните расходи што банките ги имаат, како во делот на ИТ, така и за услугите поврзани со меѓународни провајдери во областа на картичниот бизнис.

    „Затоа се залагаме колку што е можно повеќе услуги да се развиваат со сопствени ресурси во Македонија, што би придонело за намалување на трошоците и овозможување поповолни услови за клиентите“, истакна претседаателката на МБА, Маја Стевкова Штериева.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично