Прва блок-трансакција годинава со акциите на „Македонијатурист“. Познат купувач вложил околу 77 илјади евра во 450 акции.
Според податоците од вчерашната официјална дневна берзанска листа, единечната цена за акција е 10.500 денари. Вредноста на трансакцијата е 4.725.000 денари.
На официјалниот пазар, пак, просечната цена за акција е 10.600 денари. Во четвртокот биле истргувани 735 акции, со кои е остварен промет од 7.791.000 денари или 126,6 илјади евра. Забележан е дневен раст кај вредноста на акцијата од 1,13 проценти. Претходниот ден просекот бил 10.481,16 денари, а прметот со 951 акција – 126 илјади евра.
На крајот од минатата година, со прометот кој достигна 70 милиони евра, акцијата на „Македонијатурист“ беше прворангирана во берзанската статистика. Предводеше и со реализираните блокови, од кои 85 во периодот јуни – декември. По сите тие трансакции се смени сопственичката структура, па на 17 февруари ќе се одржи вонредно акционерско Собрание за промена на стариот и избор на нов Надзорен одбор.