ПОВЕЌЕ

    Колкави профити направија двете осигурителни друштва на „Винер“

    Време зa читање: 3 минути

    Профитот на Винер Лајф лани е зголемен за 89 отсто, а добивката на Винер ВИГ Скопје компанијата за неживотно осигурување порасна за 11 отсто. Претставниците на компанијата-мајка од Виена можат да бидат задоволни од пазарната пенетрација и од остварените профити во нивните друштва за животно и за неживотно осигурување.

    Двете осигурителни компании кои во земјава работат под брендот „Винер“ (и двете се сопственост на австриската „Виена Иншурнс Груп“ н.з.) Винер Лајф и Винер ВИГ Скопје минатата година ја завршија со зголемени добивки од 2018 година, покажуваат официјалните финансиски извештаи кои деновиве двете компании.

    Поголемата, според остварените приходи и нето профит, е компанијата која учествува на пазарот на неживотно осигурување Винер Виена Иншурнс Груп Скопје. Ова друштво лани остварило нето приходи од 5,95 милиони евра што е за 473.000 евра односно за 9 отсто подобар резултат од 2018 година. Приходите од вложувања на компанија лани изнесувале 421.000 евра и се за 13.000 евра пониски од претходната година. Приходите од провизии од реосигурување исто така бележат раст во однос на 2018 година. Тие лани изнесувале 2,6 милиони евра што е за 366.000 евра повеќе од претходната споредбена година.

    Вкупните расходи од работењето на Виена ВИГ Скопје на крај на 2019 година изнесуваат 8,7 милиони евра и тие пораснале за 869.000 евра односно за 11 отсто. Најголема расходна ставка се бруто исплатените штети кои изнесуваат 5,8 милиони евра и бележат пад од 604.000 евра во однос на 2018 година. Нето трошоците за спроведување на осигурувањето изнесуваат 4,96 милиони евра и се поголеми за 801.000 евра, а меѓу нив очекувано најголема ставка се административните трошоци кои изнесуваат 2,5 милиони евра и се зголемени за 747.000 евра.

    Добивката по оданочување на Винер ВИГ Скопје лани изнесува 799.000 евра и е поголема за 76.000 евра од 2018 година. Тоа е раст поголем од 10 отсто.

    Помалата Винер компанија е Винер Лајф која работи на пазарот на животното осигурување. И таа лани имала значајно подобрување во споредба со 2018 година. Особено ако се знае дека само 3 отсто од македонската популација користи животно осигурување. Нејзините нето приходи пораснале за 383.000 евра и достигнале ниво од 4,3 милиони евра. Експлозивен раст бележат приходите од вложувања кои изнесуваат 907.000 евра и во однос на 2018 година се зголемени за над половина милион евра (резултат на зголемување на вредноста на вложувања во инвестициски фондови поврзано со Unit Linked полиси) .

    Административните трошоци на компанија лани изнесувале 1,9 милиони евра што е за 76.000 евра помалку од претходната година. Нето трошоците за штети лани изнесуваат 490.000 евра и се зголемени за 47.000 евра. Добивката по оданочување изнесува 137.000 евра и е за 64.500 евра поголема од 2018 година што претставува резултат за почит.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично