ПОВЕЌЕ

    Петрушевски: Со ребалансот капиталните расходи се кратат за 5,8 милијарди денари, дефицитот останува непроменет

    Време зa читање: 3 минути

    Капиталните расходи се намалуваат за околу 5,8 милијарди денари, а вкупните приходи и расходи на државната каса се кратат за по 5,3 милијарди денари. Буџетскиот дефицит останува непроменет, на ниво од 46,3 милијарди денари, односно 4,1 процент од БДП. Ова го истакна пратеникот и заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет, на која се разгледува предложениот ребаланс.

    Според бројките што ги презентираше Петрушевски, со ребалансот вкупните буџетски приходи се намалуваат од 379,5 на 374,2 милијарди денари, додека расходите се намалуваат од 425,8 на 420,5 милијарди денари. Со ваквите измени не се предвидува дополнително зголемување на буџетскиот дефицит.

    Најголемото кратење се однесува на капиталните расходи, кои се намалуваат за околу 5,8 милијарди денари. Петрушевски објасни дека корекцијата е направена во согласност со реалната динамика на реализација на проектите и времето што преостанува до крајот на фискалната година.

    „При планирањето на расходите се земени предвид реалната динамика на проектите и времето што преостанува до крајот на фискалната година. Ни останува помалку од два месеци, па затоа планираните средства се усогласени со реалните можности за нивното извршување“, рече Петрушевски.

    Тој нагласи дека буџетот не е статичен документ и дека мора да се приспособува на економските околности и на очекувањата за неговото извршување. Според него, одговорното управување подразбира навремено усогласување на приходите и расходите, задржување на приоритетите и редовно исполнување на обврските кон граѓаните.

    „Целта на овој буџет е да биде реален, а средствата да се планираат во согласност со очекуваната динамика за реализација. Важно е да се следи извршувањето и да се обезбеди продолжување на приоритетните проекти“, истакна Петрушевски.

    И покрај намалувањето на капиталните расходи, тој посочи дека во земјата продолжува реализацијата на повеќе инфраструктурни инвестиции. Меѓу нив ги наведе шесте автопатски делници, двете гасоводни интерконекции, прекуграничната електроенергетска инфраструктура и железничките проекти.

    Според Петрушевски, станува збор за инвестиции важни за регионалната поврзаност, енергетската сигурност и конкурентноста на македонската економија.

    „Суштината на овој ребаланс е јасна: да се усогласат буџетските средства со реалната динамика на проектите, а истовремено да се продолжи со инвестициите што ги поврзуваат регионите, ги развиваат општините и создаваат услови да продолжи економскиот раст“, рече тој.

    Во завршното обраќање, Петрушевски порача дека обврската на пратениците не завршува со изгласувањето на буџетот или неговиот ребаланс, туку подразбира и одговорно и транспарентно трошење на јавните средства.

    „Секој денар од Буџетот мора да има јасна цел и оправдување. Овој ребаланс е избор на одговорност пред популизам, стабилност пред финансиска неизвесност и конкретни резултати пред празни ветувања“, заклучи Петрушевски.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично