Очила и рачен часовник како поткуп за информации кога УЈП и полицијата ќе вршат ненајавени контроли, прикривање даночни неправилности, ненаплатени глоби и фалсификување службени извештаи – ова се дел од наводите во новите обвиненија поврзани со работењето на кочанскиот клуб „Пулс“ и други фирми поврзани со неговите сопственици.
Основното јавно обвинителство Кочани поднесе обвинителен акт против три лица и обвинителен предлог против уште шест, за дела поврзани со поткуп, злоупотреба на службената положба, оддавање службена тајна и фалсификување.
Меѓу обвинетите се даночните контролори Драган Паунов и Дуле Димитриев, кои уште при отворањето на истрагата беа идентификувани како двајцата службеници на УЈП осомничени дека земале подароци и давале информации за претстојни контроли. Третото лице опфатено со обвинителниот акт е Михајло Јованов, син на сопственикот на „Пулс“, кој се товари за давање поткуп.
Очила и часовник за информации од УЈП – Според Обвинителството, двајцата даночни контролори побарале и примиле очила и рачен часовник од Михајло Јованов за возврат да го информираат кога ќе има ненајавени вонредни контроли во фирмите во кои тој бил одговорно лице.
ЈО наведува дека првообвинетиот преку Вибер го информирал Јованов за активностите на УЈП и МВР поврзани со фирмите, иако бил свесен дека информациите од даночната постапка не смеат да се откриваат. Обвинителството ова го квалификува и како продолжено кривично дело оддавање службена тајна.
Откриени, но незапишани неправилности – Обвинението не се однесува само на дојавите. На 6 март 2024 година двајцата контролори извршиле контрола во правен субјект во кој одговорно лице бил Михајло Јованов. Според ЈО, при контролата биле утврдени даночни неправилности и нерегистриран промет, но тоа не е евидентирано во записникот.
На тој начин, според Обвинителството, Буџетот бил оштетен за 98.400 денари, колку што изнесувала глобата што не била наплатена.
ЈО наведува дека вториот контролор потоа го фалсификувал и службениот извештај од контролата со цел да ги прикрие утврдените незаконитости, поради што е обвинет и за фалсификување службена исправа.
Уште четворица од УЈП, вработена во ДПИ и Дејан Јованов – Покрај обвинителниот акт против тројцата, до судот е поднесен и обвинителен предлог против шест лица.
Четворица од нив се даночни контролори и инспектори и се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување. Еден од нив е обвинет и за фалсификување исправа.
Обвинета е и вработена во Државниот пазарен инспекторат која, според ЈО, откривала информации за тоа кога ќе се реализираат акциски контроли. Нејзиното име во денешното соопштение не е објавено; при отворањето на истрагата МВР ја наведе со иницијалите В.К.
Шестиот обвинет во оваа група е Дејан Јованов-Деко, сопственикот на „Пулс“ и татко на Михајло Јованов..
Според Обвинителството, инспекторите и контролорите од УЈП вршеле контроли во правни субјекти во кои како реален сопственик се јавувал Дејан Јованов, но утврдените неправилности не ги евидентирале, а дел од извештаите за надзор биле фалсификувани. Последицата, според ЈО, била фирмите да не ги плаќаат законски предвидените глоби. Обвинителството тврди дека во злоупотребите им помогнал и самиот сопственик.
Од 11 осомничени до девет обвинети – Истрагата за оваа група беше отворена во ноември 2025 година. Тогаш МВР објави дека постапката опфаќа 11 лица, меѓу кои двајца даночни контролори, шестмина даночни инспектори и раководители од регионалните дирекции на УЈП во Штип и Струмица, вработена во ДПИ, како и Дејан и Михајло Јованов.
Сега обвиненија се поднесени против девет лица.
Обвинителството соопшти и дека во пошироката постапка за злоупотреба биле опфатени уште четири лица. За две од нив постапката е запрена поради застареност, додека за две било утврдено дека нема дејствија што го исполнуваат битието на наведеното или друго кривично дело што се гони по службена должност.
Новото обвинение е посебна постапка од главниот судски предмет за пожарот во „Пулс“, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Во овој предмет фокусот е на можната корупција, даночните контроли и злоупотребата на службените овластувања.
(Фото: МВР)
Аналитика








