ПОВЕЌЕ

    ВОДА, СОКОВИ И МИЛИОНИ: Секторот ја зголеми добивката за речиси 70 насто!

    Време зa читање: 7 минути

    Македонците и минатата година „испија“ милиони евра во вода, сокови и безалкохолни пијалаци. Зад секое шише минерална вода, газиран пијалак или сок стои производство, дистрибуција, инвестиции и силна борба за место на полиците.

    Ова е сектор во кој се преплетуваат големи системи, семејни компании, стари брендови, планински извори и производи што со години се дел од секојдневието на потрошувачите. Од Скопје, преку Кавадарци и Струмица, до Битола, Дебарца и Виница, домашниот пазар на вода и безалкохолни пијалаци покажува дека и навидум едноставен производ, како шише вода или сок, зад себе има сериозна економија.

    Анализата на Пари, во соработка со Бизнис Мрежа, покажува дека секторот за производство на вода и безалкохолни пијалаци и во 2025 година продолжил да расте. Кај 43 компании, вкупниот приход достигнал 78,8 милиони евра, наспроти 73,4 милиони евра во 2024 година.

    Уште посилен е растот на добивката. Вкупниот профит на секторот во 2025 година достигнал 8,3 милиони евра, наспроти 4,9 милиони евра една година претходно. Тоа е раст од 69,3 насто, што покажува дека компаниите продавале повеќе и успеале подобро да го претворат прометот во заработка.

    Најголем дел од прометот го остваруваат производителите на минерална вода и сокови со долга традиција, препознатливи брендови и силна дистрибуција.

    Најголемиот приход го има Кожувчанка, додека најголемата добивка ја има МЛ-Гари, производителот на водата Маја.

    КОЖУВЧАНКА Е ЛИДЕР ПО ПРИХОДИ

    Приходите најјасно ја покажуваат тежината на секоја компанија на пазарот. Во производството на вода и безалкохолни пијалаци, лидерската позиција ја држи Кожувчанка од Кавадарци.

    Компанијата во 2025 година остварила приход од 18,5 милиони евра, што е раст од 3,23 насто во однос на 2024 година, кога приходот изнесувал 17,9 милиони евра. Кожувчанка е приказна што започнува во подножјето на Кожув и денес е еден од најпрепознатливите домашни брендови на минерална вода, со традиција, локална приказна и силна дистрибуција.

    На второто место е Горска, со приход од 9,5 милиони евра и раст од 3,70 насто. Горска останува еден од најсилните брендови во категоријата природна вода и е пример како довербата во изворот, квалитетот и достапноста на производот можат да изградат стабилна позиција на пазарот.

    Веднаш зад неа е Соко Горица, со 9,3 милиони евра приход и раст од 2,07 насто. Компанијата е семејна приказна со традиција во производство на овошни пијалаци и е еден од производителите што го одржуваат силниот домашен карактер на оваа индустрија.

    Магрони е четврта по приход, со 8,03 милиони евра, но бележи пад од 1,60 насто во однос на претходната година. Компанијата е поврзана со брендот Ладна и останува значаен играч во категоријата вода и освежителни пијалаци, иако лани имала благо намалување на приходот.

    Следи Пелистерка, со 7,2 милиони евра и раст од 5,85 насто. Ова е бренд што со децении е присутен на пазарот, а приказната за водата од Меџитлија е важен дел од неговиот идентитет. Растот покажува дека компанијата и натаму има стабилна позиција кај потрошувачите.

    Грозд од Струмица остварила приход од 6,2 милиони евра и раст од 6,52 насто. Компанијата има долга традиција, а нејзините производи, меѓу кои и препознатливите безалкохолни пијалаци, со години се дел од домашниот пазар.

    Најголемото изненадување во приходите е МЛ-Гари, компанија што ја произведува водата Маја. Во 2025 година таа остварила приход од 5,7 милиони евра, наспроти 1,4 милиони евра во 2024 година. Тоа е раст од дури 293,76 насто, што ја прави најдинамичната компанија во оваа анализа.

    Во првата десетка се и Иноспектар од село Велмеј, Дебарца, со приход од 3,8 милиони евра и раст од 1,10 насто, како и Центро-Фрута од Виница, со 2,04 милиони евра приход и пад од 7,10 насто.

    Десетката ја заокружува Кватро Ана и други од Куманово, со приход од 1,8 милиони евра. Кај оваа компанија приходот е намален за 18,77 насто во однос на 2024 година, кога изнесувал 2,2 милиони евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    НАЈПРОФИТНАТА ФИРМА ЛАНИ ПРЕТХОДНО БЕШЕ ЗАГУБАР

    Кај добивката, листата изгледа уште поинтересно. На врвот е МЛ-Гари, со профит од 3,4 милиони евра. Овој резултат е особено впечатлив затоа што компанијата во 2024 година имала загуба од 690,3 илјади евра.

    Тоа значи дека МЛ-Гари не само што имала најголем раст на приходот, туку направила и најголем финансиски пресврт, од загуба во 2024 година до најголема добивка во 2025 година. Затоа, тука не станува збор за класичен процентуален раст, туку за премин од минус во силен плус.

    На второто место по добивка е Грозд од Струмица, со профит од 1,3 милиони евра и раст од 40,16 насто. Ова е еден од најсилните профитни скокови во секторот и покажува дека компанијата успеала значително да ја подобри ефикасноста во работењето.

    Следи Пелистерка, со добивка од 767,6 илјади евра и раст од 25,18 насто. Компанијата не е меѓу најголемите по приход, но успева да бележи солиден раст на профитабилноста, што е важен сигнал за стабилно работење.

    Соко Горица, иако е трета по приход, во делот на добивката бележи пад. Компанијата во 2025 година остварила профит од 644,9 илјади евра, што е намалување од 40,11 насто во однос на 2024 година, кога добивката изнесувала 1,07 милиони евра. Тоа покажува дека растот на приходот не значи секогаш автоматски и раст на заработката.

    Пад на добивката има и кај Кожувчанка, која во 2025 година остварила профит од 551,5 илјади евра, што е за 22,94 насто помалку од претходната година. Иако е прва по приход, Кожувчанка не е и прва по добивка. Ова е важна разлика во анализата: најголемиот промет не значи и најголем профит.

    Магрони исто така бележи намалување на добивката, од 469 илјади евра во 2024 година на 383,8 илјади евра во 2025 година, односно пад од 18,17 насто.

    Од друга страна, Иноспектар има силен раст на профитот. Компанијата остварила добивка од 353,8 илјади евра, што е за 53,71 насто повеќе од 2024 година. Тоа е најголем процентуален раст на добивката меѓу компаниите со споредливи податоци.

    Во првата десетка по добивка се и Визиана, со 282,4 илјади евра и раст од 6,15 насто, Горска со 210,1 илјада евра и раст од 19,23 насто, како и Ликуки Хоме од Битола, со 197,2 илјади евра и раст од 49,22 насто.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Треба да се напомене дека Пивара Скопје не е вклучена во оваа листа бидејќи нејзината основна дејност и најпрепознатлив производ се поврзани со производството на пиво, иако полни и дистрибуира и безалкохолни пијалаци. Затоа, во оваа анализа таа не е третирана како дел од потесната листа на производители на вода и безалкохолни пијалаци.

    За споредба, Пивара Скопје во 2025 година остварила приход од 145,9 милиони евра, што е раст од 5,4 насто, додека добивката изнесувала 26,9 милиони евра, со раст од 13,3 насто.

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично