Со 3.243 акции издадени од 12 компании и од две банки завршила минатата недела во сферата на нетрговските трансфери. Од нив, 523 се приоритетни. Хартии од вредност се подарувале секојдневно, со исклучок на средата, а најмногу – 1.465, во четвртокот.
Според бројноста, предводат обичните акции на „Македонски телеком“, 743 на број. Зад нив се приоритетните акции на Стопанска банка Скопје, вкупно 523, а нивниот пренос е извршен на двапати: 265 во вторник и уште 258 во петокот.
Во минатонеделните трансфери се и 467 обични акции на скопски „Гранит“ и 382 на „Либерти“ АД Скопје.
Нетрговски пренос, според податоците на Централниот депозитар за хартии од вредност, е направен и на 263 обични акции од „Макстил“ АД Скопје, на 255 од „Алкалоид“, како и на 229 од „АрцелорМиттал“ (ХРМ) АД Скопје. Исто така, подарени се или наследени 125 обични акции од Комерцијална банка и 120 издадени од „Триглав осигурување“.
Во објавата на Македонска берза се застапени и хартиите од вредност на четири РЖ: „Услуги“ – 97, „Интер-Трансшпед“ – 12, „Економика“ – 11 и „Техничка контрола“ – 4 обични акции. Негтрговски трансфер е извршен и на 12 обични акции од „Уготур“ АД Скопје.