Почна изградбата на 10,5 километри автопат што ќе ги поврзе Скопје со Блаце, односно со границата со Косово. Активностите од втората фаза ќе се изведуваат на специфичен ридско-планински терен, а изградбата која вклучува и 5 тунели, 8 моста, 11 потпатници, 4 галерии и 9 потпорни ѕидови е доверена на скопската градежна компанија Гранит.
Главен носител на проектот е Јавното претпријатие за државни патишта. Автопатот со широчина од 27,5 метри ќе има две коловозни ленти со по две сообраќајни и со лента за застанување. Во целина, автопатот од Скопје до Блаце е долг околу 12 километри, од кои 1,5 километри веќе се изградени.
Се поставува камен-темелник на најсложениот и најтежок автопат, кој ќе придонесе за поврзување со соседите, но и за побрз и побезбеден сообраќај, посочи директор на ЈПДП, Коце Трајановски:
„Денес не поставуваме само камен-темелник на еден автопат, туку поставуваме темел за побрза, побезбедна и посилно поврзана Македонија со соседите, регионот и Европа. Со почнувањето на изградбата на автопатот Скопје – Блаце, од клучката Стенковец до граничниот премин Блаце, во должина од приближно 10,5 километри, правиме значаен исчекор кон заокружување на оваа стратешка регионална врска“.
Исто така, нагласи дека инвестиција е особено значајна затоа што преку Косово ја поврзува Македонија со албанското пристаниште Драч, со Црна Гора и со Србија. Тој посочи дека автопатот Скопје – Блаце ќе го скрати времето на патување, ќе ја зголеми безбедноста и ќе ги намали трошоците за одржување на возилата, а постојниот пат ќе остане како алтернативна врска за локалното население и другите граѓани.

По 20 години, автопатот станува реалност, истакна премиерот Христијан Мицкоски, кој упати три пораки:
„Мојата прва порака што сакам да ја испратам е дека по нешто повеќе од 20 години овој проект станува реалност. Ветување дадено на почетокот на оваа Влада, беше дел од клучните приоритети на работата на оваа Влада и очекувам многу скоро од денеска да видиме значителен прогрес на работите на терен и во рекордно времеовој проект да биде реализиран.
Втората работа и порака што сакам да ја испратам е дека денеска тука нема да застанеме. Многу скоро продолжуваме со уште една автопатска делница којашто е дел од Коридорот 8. Се надевам многу скоро од денеска ќе можеме да присуствуваме на еден ваков настан којшто ќе го поврзе местото Букојчани со автопатот којшто очекувам на почетокот од следната година да го пуштиме, а тоа е Кичево – Охрид, односно од Букојчани до Кичево. Со тоа, во еден момент ќе се создадат услови на територијата на државата да се градат 6 автопатски делници: од Блаце до Скопје, Тетово – Гостивар, од Гостивар до Букојчани, од Букојчани до Кичево, од Кичево до Охрид и од Прилеп до Битола.
И третата порака што сакам да ја испратам е тоа дека кога градите улица, кога градите пат, кога градите автопат — вие градите иднина“.
За оваа автопатска делница државата во 2022 година обезбеди 167,6 милиони евра заем од Европската банка за обнова и развој, а во јули година беше потпишан и грант од 30,8 милиони евра од инвестициската рамка на ЕУ за Западен Балкан. Исто така, со средства наменети за експропријација учествува и ЈПДП, а има и грант за проектантите Hill International и ADT Omega.
Камен-темелникот се постави и во присуство на косовскиот премиер Албин Курти, како и на бројни претставници од меѓународните финансиски партнери, амбасадори и функционери.
Аналитика








