ПОВЕЌЕ

    Високите цени на енергенсите и суровините ја намалија добивката на „Европа“ за 68,5 проценти

    Време зa читање: 2 минути

    Најстарата кондиторска фабрика на балканскиот простор, скопска „Европа“, во почетното годинешно тримесечје оствари позитивни финансиски резултати, но намалени во однос на ланските остварувања забележани во истот период. Сегашната нето-добивка во износ од 6.242.633 денари или 101,2 илјади евра е за 68,5 отсто пониска од тогашните 321,2 илјади евра (19.811.079 денари).

    Падот кај добивката произлегува од енормното зголемување на цените на енергенсите, суровините и амбалажата, како главни производни инпути, посочуваат од компанијата. Притоа, додаваат, дека тоа имало директно влијание врз количинскиот пад на продажбата за 13,6 проценти, заради намалените нарачки од купувачите што, пак, негативно се одразило и со пад на производството за 12,6 отсто.

    Бруто приходите во првите сто дена се зголемиле за 1,5 насто – 3,38 милиони евра (208.470.846 денари), во однос на оние од споредбениот период — 3,32 милиони евра (205.342.780 денари).

    Зголемени се и бруто-расходите. Евидентирани се 3,26 милиони евра (201.534.587 денари), наспроти ланските 2,97 милиони евра (183.330.471 денар).

    Вкупните оперативни приходи се зголемени за 4,1 процент во однос на истиот приод лани и се во износ од 3,38 милиони евра или 208.573.073 денари. Останатите приходи се зголемени за 9,8, а финансиските приходи се поголеми за 321,7 насто.

    Кај вкупните расходи порастот е 9,9 проценти. Оперативните расходи во периодот јануари-март се зголемени за 9,8, а финансиските расходи за 60,1 насто.

    Сепак, позициите на пазарот се солидни, а како што наведуваат од „Еропа“ во тоа се успеало преку успешното менаџирање со продажбата, со зголемување на продажните цени и намалување на останатите индиректни трошоци.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично