Зголемениот обем на работа во доменот на угостителството позитивно се одразил врз приходите на Ангропромет-Тиквешанка. Вкупниот промет на компанијата од Кавадарци е засилен за 14,4 насто и првата половина од годината е заокружена со износ од 40,86 милиони денари.
Истовремено, вкупните расходи се зголемиле за 17,5 насто и достигнале 30,03 милиони денари. Тоа, според компанијата, се должи на повисоките цени на материјалите што се користат во угостителството, како и на други непланирани трошоци.
И покрај тоа што растот е поголем на страната на трошоците во однос на приливите, друштвото го завршило периодот со добивка по оданочување од 8,81 милион денари.
Од компанијата информираат дека во извештајниот период не се реализирани нови кредитни задолжувања, а постојниот долгорочен кредит редовно се сервисира согласно договорената динамика.
Во меѓувреме, Ангропромет-Тиквешанка инвестира во изградба на станбена зграда, а плановите се таа да биде ставен во функција во текот на наредната година.
Исто така, во извештајот се наведува дека најголемиот дел од планираните активности се реализирани, при што е задржана стабилноста во работењето и се постигнати задоволителни финансиски резултати.
Како приоритети за наредниот период компанијата ги издвојува натамошното зголемување на приходите и подобрување на деловниот резултат, зајакнување на конкурентноста на пазарот и одговорно управување со финансиските средства и со оперативните ризици.
Ангропромет-Тиквешанка покрај основната дејност – изнајмување и давање под закуп на машини, опрема и други материјални добра – работи и во областа на угостителството, организирајќи свадби, свечености и други настани. Компанијата издава магацински и ладилнички деловен простор, како и машини и опрема за утовар и истовар на стока.
Аналитика








