Стопанска банка Битола ја заврши 2024 година со нето позитива од 163.170.000 денари. Или, 2,65 милиони евра. Успехот е уште поголем кога се знае дека работењето во претходната 2023 беше обележано со минусен предзнак.
Добивката пред оданочување е во износ од 181,86 милиони денари (три милиони евра), додека една година беше запишана загуба oд 189,82 милиони денари (3,2 милиони евра). Како што веќе објавивме, на малата банка и успеа за 365 дена да одработи разлика од шест милиони евра.
Неофицијално: Стопанска банка Битола одработи позитивна разлика од шест милиони евра!
„Позитивниот финансиски резултат се должи на задржаниот висок оперативен резултат (од 117,37 милиони денари), засилената активност за наплата на нефункционалното портфолио на Банката, како и на пониското ниво на исправка на вредност на нефункционални пласмани во однос на претходната година“, образложуваат од СББТ.
Кај нето-приходите од камати е забележан раст од 2,54 проценти, за 11,45 милиони денари повеќе од оствареното во 2023. На крајот од минатата година износот во оваа ставка достигнува 462.600.000 денари (7,5 милиони евра). Само од пресметаните и наплатени камати се инкасирани 600.462.000 денари (9,76 милиони евра). Односно приливите по овој основ се повисоки за 2,91 насто. Расходите се зголемени се за 4,19 проценти, како што велат, „во услови на засилено штедење на населението во Банката, коe започна уште во 2023 година“.
Од провизиите и надоместоците се заработени нето 95,87 милиони денари (1,55 милиони евра). Во вој сегмент има пад од 24,26 отсто во однос на 2023. Исто како и кај нето-приходите од курсни разлики – за 16,96 проценти, кои се во износ од 19,54 милиони денари (317,7 илјади евра).
А, останатите приходи од дејноста се повисоки за 24,7 проценти.
Наплатата на нефункционалните побарувања, пак, влијаела врз значително пониската исправка на вредноста на финансиските средства на нето-основа, за 93,68 проценти.
Минатата година Банката ги намалила трошоците.
Оттаму, по линијата на движењата кај приходите и расходите, СТББТ забележа стапка на адекватност на капиталот од 27,37 проценти, а учеството на ликвидната во вкупната актива е 45,45 отсто и „се значајно над просечните нивоа регистрирани во банкарскиот сектор“, посочуваат од Банката.
И додаваат дека силната капитализираност и ликвидност претставуваат главен предуслов за одржување на долгорочната финансиска стабилност и идното успешно работење. Притоа, „Банката во целост останува насочена кон задоволување на потребите на клиентите“.
К.А.