
АЛТА банка АД Битола го зајакнува својот управувачки тим со именувањето на м-р Стефан Николиќ за нов член на Управниот Одбор.
Неговото приклучување доаѓа во период кога Банката е насочена кон стратешки развој, модернизација на оперативното работење и градење посилна позиција на македонскиот банкарски пазар.
Николиќ носи богато професионално искуство кое ги поврзува банкарската практика, управувањето со ризици и стратешкото водење во финансискиот сектор. Повеќе од 12 години од својата кариера ги градел во Стопанска банка АД Скопје, каде извршувал раководни функции во областа на управувањето со ризици, а во неговото професионално портфолио се вбројува и искуство во управувачки структури на финансиски компании и институции.
Пред приклучувањето кон АЛТА банка, раководел со водечки финтек компании во рамки на Флекс Група, каде како дел од извршното и управувачкото раководство бил фокусиран на стратешко управување, оптимизација и автоматизација на процеси, дигитални плаќања и развој на финансиски технологии.
Токму оваа комбинација на банкарско искуство, експертиза и финтек ориентација ја прави неговата улога особено значајна за стратешката насока на АЛТА банка кон дигитализација, поголема оперативна ефикасност и посовремено клиентско искуство.
Во рамки на Управниот одбор на АЛТА банка АД Битола , Николиќ ќе биде одговорен за оперативното работење на Банката, со надлежност врз повеќе важни сегменти, вклучувајќи ги платните системи во земјата и странство, картичното работење, продажните канали, мобилното и дигиталното банкарство, како и кредитното и депозитното администрирање. Дополнително, во неговата надлежност влегуваат организацискиот развој, информационата технологија, инвестициите и управувањето со имотот на Банката.
Овој опфат на надлежности ја поставува неговата улога директно во функција на стратешката насока на АЛТА банка – модернизација на процесите, развој на дигитални решенија, унапредување на производите и услугите и зајакнување на оперативната ефикасност. На тој начин, Банката ја зацврстува основата за современо и одговорно банкарско работење, со јасен фокус на стабилност, дигитална достапност, квалитет на услуги и конкурентен раст на македонскиот финансиски пазар.
Аналитика








