– 2021 година беше годината кога сите се надеваме дека ќе се вратиме во нормала меѓутоа за жал истата се покажа дури и полоша од претходната. Континуирана помош од страна на државата нема. Гледаме што се случува во петтиот пакет мерки и тоа не можеме д го поднесеме, изјави  Ана Марија Алексова од Туристичко-угостителската комора.

Туристичките агенции бараат итна неповратна помош од Владата и ваучерите од кампањата „Дома си е дома” да бидат задолжително искористени преку туристичките агенции. Бараат да се смени и одлуката за ваучерите за нереализираните патувања поради ковид кризата, односно наместо до 31 декември годинава, важноста на овие ваучери да се продолжи до 31 декември 2022 година.

Угостителите – Финансиската помош која се обезбедува за поддршка на реалниот сектор нема континуитет, а по цела година не постојат ни протоколи за работа за сите дејности кои би можеле да се почитуваат. Секторот угостителство се соочува со бројни предизвици, условите за работа не овозможуваат ни приходи за покривање на основните трошоци, истакнаа угостителите.

Конфедерација на слободни синдикати (КСС)-Отпуштени работници, намалени боледувања и плати се само дел од проблемите кои ја прелија чашата на синдикалците од КСС. Велат дека кога се обидуваат да застанат на патот на кршењето на работничките права се соочуваат со притисоци. Затоа веќе излегоа на протест пред Собранието и пред Владата и порачаа дека е веќе доста.

Обложувалници – Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ)  ги изнесе своите ставови во врска со предлог измените на Законот за игрите на среќа и забавните игри, кои се поставени на ЕНЕР. Од АСОМ побараа од Владата добра волја да не ги имплементира измените и да воведе квалитетен закон со кој ќе се постигнат низа позитивни промени и предупредија дека ќе ги искористат сите расположиви средства, вклучително и протести за да спречат ваквиот закон да се донесе.

– Доколку се донесе предлог законот во оваа форма, одговорно тврдиме дека се става крај на легалното спортско обложување, а на улица остануваат повеќе од 8.000 вработени во оваа стопанска гранка. Сакаме јасно да порачаме дека предлогот за воведување на физичка дистанца на објектите на игри на среќа од образовните институции е целосно неприфатлив и на таквиот закон остро ќе се спротивставиме. Предлогот од 500 метри значи затворање на над 98% од објектите, согласно нашите прецизни анализи кои ги правевме целиот изминат период, изјавија од АСОМ.

Оштетени штедачи на Еуростандар банка- иако помала група неделава протестираа пред Уставниот суд во очекување судиите да одлучат по нивната иницијатива за промена на член од Законот за банки со кои и тие во најголем дел правни лица ќе бидат рамноправно обештетени од стечајната маса. Одлука не беше донесена, а штедачите најавија дека нема да застанат тука.

Родилките- Според најавата, околу 1.500 жени кои се на платено породилно отсуство со своите бебиња ќе излезат на улица, бидејќи сметаат дека нивниот проблем ќе биде повидлив ако протестираат. Вработените жени на породилно отсуство најавуваат протест со барање да се продолжи породилното отсуство. Тие се плашат дека ќе треба да ги напиштат работните места бидејќи градинките не се во можност да ги примат нивните деца поради протоколите.