Raiffeisen Bank International (RBI) го надмина прагот за успешност на понудата за преземање на Addiko Bank. По истекот на рокот за прифаќање на понудата доби согласност од акционери за 56,16 отсто од акциите. Австриската банка со тоа го надмина минималниот праг од над 55 отсто што го постави како услов за успешност на трансакцијата.
Како што објави РБИ на својата инвеститорска страница, до 29 јули во 17 часот биле прифатени вкупно 10.831.435 акции на Адико Банка. Во оваа бројка се вклучени и 1.878.167 акции во сопственост на српската Алта Груп, што претставува 9,63 отсто од вкупниот број издадени акции на Адико.
Сепак, од РБИ нагласуваат дека објавениот пресек сè уште не претставува конечен официјален резултат според австрискиот Закон за преземања, бидејќи по истекот на рокот може дополнително да бидат обработени навремено доставени изјави за прифаќање или повлекување на понудата.
РБИ обезбеди предност по неколкумесечна борба со словенечката Нова Љубљанска банка (NLB), која во завршницата понуди значително повеќе пари за акционерите на Адико. И покрај тоа, повисоката цена не беше доволна за НЛБ да го достигне потребниот праг.
РБИ ја зголеми понудата на 26,50 евра за акција, а првичната беше 23,05 евра. Понудата беше официјално објавена на 14 мај, кога и условот за успех беше – над 75 отсто од акциите.
НЛБ, пак, постепено ја зголемуваше својата понуда, која на крајот достигна 37 евра за акција. Тоа беше за 10,50 евра повеќе, односно речиси 40 насто повисока понуда од конкурентската. Но, словенечката банка не успеа да обезбеди доволна поддршка од акционерите.
Клучен пресврт во трката беше одлуката на РБИ да го намали минималниот праг за успешност на понудата од над 75 на над 55 отсто од акциите опфатени со понудата. Како што објави РБИ, промената беше направена по добиеното одобрение од австриската Комисија за преземања, а новиот праг изнесуваше повеќе од 10,6 милиони акции.
Интересно е што и самата Адико Банка претходно даде поддршка за понудата на РБИ, иако таа беше пониска од понудата на НЛБ. Според Ројтерс, Адико ја поддржа понудата на австриската банка поради поголемата сигурност за реализација на трансакцијата.
По завршувањето на формалните процедури, RBI планира да ја задржи матичната Addiko Bank AG, како и банките во Хрватска и Словенија.
Паралелно, според претходно објавениот план, се очекува издвојување и продажба на Адико банките во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора на Алта Груп, доколку бидат исполнети сите регулаторни услови.
Аналитика








