
Пред вториот столб да се прогласи за неуспешен, мора да се измери ефектот од намалениот придонес, надоместоците, демографските отстапувања и расходните политики во ПИОМ.
Дваесет години по воведувањето на повеќестолбниот пензиски систем, во јавноста повторно се отвора прашањето дали вториот задолжителен пензиски столб ги оправдал очекувањата и дали неговото евентуално укинување би ја подобрило одржливоста на системот. Прашањето е легитимно. Но, одговорот не може да се даде само со поглед кон денешниот дефицит на ПИОМ или кон очекуваната пензија од индивидуалната сметка.
За објективна оценка мора да се споредат три нешта: претпоставките врз кои беше изградена реформата во 2005 година, реалните демографски и макроекономски движења во изминатите две децении и последиците од подоцнежните измени на клучните параметри на системот. Токму таквата споредба покажува дека денешните резултати не се производ само на архитектурата на вториот столб, туку и на средина што стана значително понеповолна од првично очекуваната.
Ризиците не исчезнаа ‒ се засилија
Пензиската реформа не беше воведена поради краткорочен финансиски проблем, туку како одговор на долгорочни демографски ризици: ниска стапка на фертилитет, стареење на населението, продолжување на животниот век и влошување на односот меѓу осигурениците и пензионерите.
Дваесет години подоцна, основната насока на тогашните проекции се потврди. Но, дел од процесите се развиваа уште понеповолно. Најголемото отстапување е кај работоспособното население. Актуарските модели не можеа целосно да го предвидат обемот на иселувањето на младите и лицата во репродуктивна возраст, ниту долгорочното задржување на фертилитетот на ниско ниво.
Новите проекции на Државниот завод за статистика до 2070 година покажуваат понатамошно намалување на населението, забрзано стареење и значително стеснување на работоспособниот контингент. Тоа значи дека причините поради кои беше воведен повеќестолбниот систем не исчезнале, туку зависноста од сè помал број идни осигуреници станува уште поголем ризик.
И економската реалност беше послаба од очекуваното
Пензискиот систем не зависи само од бројот на работници и пензионери. Неговата финансиска одржливост зависи и од економскиот раст, продуктивноста, платите, формалната вработеност, инфлацијата и правилата за усогласување на пензиите.
Во првичните проекции се претпоставуваше висок и релативно стабилен долгорочен раст на БДП. Во реалноста, растот беше понизок и променлив. Тоа значеше помала даночна и придонесна база од очекуваната. Платите во последните години растеа побрзо, но истовремено пораснаа и пензиските обврски, особено во услови на силни инфлациски шокови и чести законски интервенции во усогласувањето.
Невработеноста значително се намали, што е позитивно, но дел од тој резултат е поврзан и со намалувањето на домашната работна сила. Затоа ниската стапка на невработеност не треба автоматски да се толкува како доказ за доволно силна придонесна база.
Дефицитот на ПИОМ не е создаден претежно од вториот столб
Една од најчестите критики е дека вториот столб е главната причина за дефицитот на ПИОМ. Точно е дека пренасочувањето на дел од придонесите кон индивидуалните сметки создава транзициски трошок, но тој не е неочекуван дефект на реформата. Станува збор за однапред пресметана цена на преминот од целосно тековно кон повеќестолбно финансирање.
Според анализираните показатели, транзицискиот трошок во 2025 година е приближно во рамките на првичните проекции ‒ околу 1,3 % од БДП. Вкупниот дефицит на ПИОМ, сепак, е значително повисок, приближно 3,3 % – 3,5 % од БДП. Тоа значи дека најголемиот дел од финансискиот јаз не се објаснува со вториот столб, туку со структурни фактори.
Во тие фактори спаѓаат намалените придонесни стапки, неповолните демографски движења, понискиот економски раст и политиките што ги зголемуваа пензиските расходи надвор од првично проектираната динамика. Кон структурниот дефицит значително придонесоа и линеарните и дискрециони зголемувања на пензиите надвор од редовната формула за усогласување, бидејќи тие ја зголемуваа расходната основа на ПИОМ независно од тековното движење на економските показатели. Оттука, укинувањето на вториот столб би го намалило транзицискиот трошок и краткорочно би ја подобрило ликвидноста на ПИОМ, но не би ги отстранило причините за структурниот дефицит.
Највидливиот ефект: намалениот придонес
Во јавната дебата често се поставува прашањето зошто очекуваната пензија од вториот столб може да биде пониска од првичните очекувања. Најдиректниот одговор е дека во индивидуалната сметка се уплаќа помалку од првично предвиденото.
При воведувањето на системот, стапката што се издвојуваше во вториот столб изнесуваше 7,42 % од бруто-платата. Подоцна таа беше намалена: на 6,65 % во 2009 година и на 6 % во 2010 година. Во капитално финансиран систем тоа има двоен ефект ‒ помали тековни уплати и помал принос врз средствата што никогаш не биле уплатени.
Моделот, базиран на 40 години непрекинат стаж, плата во висина на просечната плата и исти претпоставки за приноси и надоместоци, покажува дека осигуреникот би акумулирал околу 5,53 милиони денари ако стапката останела 7,42 %. Со реалното движење на стапката, крајното салдо би изнесувало околу 4,55 милиони денари. Разликата е 977.717 денари ‒ речиси еден милион денари помалку на индивидуалната сметка.

Илустративно, доколку акумулираните средства се распределат рамномерно во период од 20 години, осигуреникот во сценариото со непроменета стапка од 7,42% би располагал со околу 23.038 денари месечно, а во сценариото со реалното движење на стапките со околу 18.964 денари. Разликата изнесува приближно 4.074 денари месечно, односно 17,68%.
Забелешка: Пресметката е илустративна и претпоставува едноставна рамномерна распределба на капиталот во 240 месеци, без дополнителен принос, индексација и трошоци во периодот на исплата.
И надоместоците имаат ефект
Надоместоците, исто така, имаат значителен кумулативен ефект. При стапка на придонес од 7,42 %, нивниот вкупен долгорочен ефект врз крајното салдо, вклучувајќи го и изгубениот принос, се проценува на околу 577 илјади денари.
Овој износ не претставува само директно наплатени надоместоци. Тој ја опфаќа и капитализацијата што би била остварена ако тие средства останеле на индивидуалната сметка. Затоа надоместоците треба постојано да се следат и постепено да се намалуваат во согласност со растот на средствата под управување.
Сепак, моделот покажува дека намалувањето на придонесната стапка има поголемо влијание врз крајната акумулација. Во споредба со хипотетичко сценарио во кое придонесот останува 7,42 % во целиот работен век и не се наплаќаат надоместоци, реалното движење на стапките, заедно со вкупниот ефект на надоместоците и изгубената капитализација, го намалува крајното салдо за околу 1,55 милиони денари.
Што би значело укинувањето на вториот столб?
Укинувањето на вториот столб би имало видлив краткорочен ефект: поголем дел од придонесите повторно би се уплаќал во ПИОМ, а транзицискиот трошок би се намалил. Но таквата одлука не би го зголемила наталитетот, не би го запрела емиграцискиот одлив, не би го зголемила бројот на идни осигуреници и не би го намалила продолжувањето на животниот век.
Со други зборови, би се променил начинот на финансирање, но не и структурните причини за притисокот врз пензискиот систем. Во услови на уште понеповолни проекции до 2070 година, целосното враќање на зависноста од тековните придонеси би значело поголема изложеност на демографски ризик.
Наместо укинување ‒ мерливо унапредување
Затоа, дебатата не треба да се сведува на дилемата „да“ или „не“ за вториот столб. Потребно е да се одговори на потешкото, но поважно прашање: како да се изгради систем што истовремено ќе обезбедува финансиска одржливост, адекватни пензии и меѓугенерациска правичност?
Првиот чекор е редовно ажурирање и јавно објавување на актуарските проекции за сите столбови. Вториот е преиспитување на делот од придонесот што се издвојува во вториот столб, врз основа на јасна анализа на комбинираната пензија и фискалниот ефект врз ПИОМ. Третиот е континуирана евалуација на приносите, надоместоците и инвестициската политика. Четвртиот е враќање на предвидливоста во усогласувањето на пензиите и ограничување на дискреционите интервенции без долгорочна финансиска процена.
Ниту еден пензиски модел не може да ја замени потребата од повисока продуктивност, поголема формална вработеност и политики за задржување на младите. Но во услови на стареење и намалување на населението, диверзификацијата на изворите на идната пензија станува уште поважна.
Заклучок
Дваесет години по реформата, фактите упатуваат на три јасни поуки. Прво, демографските ризици врз кои беше заснована реформата беа реални и денес се уште поизразени. Второ, транзицискиот трошок на вториот столб не го објаснува најголемиот дел од дефицитот на ПИОМ. Трето, намалувањето на придонесот и надоместоците имаат силен и мерлив ефект врз висината на акумулираните средства.
Затоа вториот столб не треба да се прогласува за неуспешен без претходно да се измери како изменетите правила го промениле резултатот. Не може да се намали придонесот, да се менуваат расходните правила и да се влоши демографската средина, а потоа целата разлика да му се припише на самиот концепт на капитално финансирање.
Решението не лежи во враќање кон модел создаден за демографските и економските услови од средината на минатиот век, туку во адаптирање и унапредување на постојниот систем врз основа на современи актуарски анализи, нови демографски проекции и објективно оценување на резултатите.
Пишува: Јадранка Мршиќ – универзитетски професор во пензија
Аналитика









