ПОВЕЌЕ

    ВО ПРВОТО ПОЛУГОДИЕ БАНКИТЕ ОСТВАРИЛЕ ДОБИВКА ОД 137,6 МИЛИОНИ ЕВРА, но тоа е значително помалку од лани

    Време зa читање: 4 минути

    Во првото полугодие од годинава целиот банкарски сектор остварил добивка по оданочување од речиси 8,5 милијарди денари, или околу 137,5 милиони евра, покажуваат најновите податоци од Народната банка. Споредено со истиот период од минатата година, ова е намалување од 8,4 насто. Имено, во првите 6 месеци лани банкарскиот сектор остварил чиста добивка од 150,2 милиони евра. Или, во апсолутна бројка: профитабилноста на банкарскиот сектор се намалила за 12,7 милиони евра.

    Дури и ако се вратиме година поназад, односно во првото полугодие од 2024 година, и тогаш банкарскиот сектор имал поголема добивка отколку сега, односно бил на слично ниво како во 2025 година (но и тогаш била малку повисока). Во првото полугодие од 2024 година, нето-добивката му била 155,1 милион евра. Всушност, податоците покажуваат намалување на добивките во првите полугодија во три последователни години.

    Инаку, лани за цела година банкарскиот сектор оствари добивка од 303,9 милиони евра, а во 2024 година – 282,8 милиони евра.

    „Пари“ анализираше на што се должи значајниот пад на добивката во однос на ланското прво полугодие.

    НЕТО-ПРИХОДИТЕ ОД КАМАТИ СЕ НАМАЛИЈА

    Банките и понатаму заработуваат повеќе од камати. Во првото полугодие лани заработиле 294,8 милиони евра, а во првото полугодие годинава заработиле 299 милиони евра. Но, расходите за камати, што банките ги плаќаат за „легнатите“ депозити на нивните сметки, се зголемиле од 66,7 милиони евра на 73,9 милиони евра.

    Она што останува од каматите како нивен приход, или нето-камата, се намалил во првото полугодие од 2026 во однос на првото полугодие од 2025 година. Намалувањето е за 3 милиони евра, од 228,1 милион евра на 225,1 милион евра.

    Изминатиов период имаше промени на каматните стапки. Од овие бројки лесно може да се заклучи дека цената на депозитите, односно каматните стапки што банките им ги плаќаат на штедачите, растеле побрзо од приносите што банките ги остваруваат од кредитите.

    ПРОВИЗИИТЕ СЕ ЗГОЛЕМИЈА

    И покрај бројните критики во јавноста околу провизиите, тие растат. Сепак, треба да се земе предвид и дека расте и обемот на кредитирање и на вложување пари на банкарска сметка, а со тоа и административните процедури што ги наплаќаат банкарите како надоместоци и провизии. Но, извесно е и дека имаше и зголемување на цените на некои нивни услуги, за што банките известија. Имаше и некои намалувања, или ослободувања од плаќања.

    Во првото полугодие од годинава банките од провизии и надоместоци наплатија 98,2 милиони евра. Во истиот период лани наплатија 92,9 милиони евра.

    И банките плаќаат надоместоци. Во првите шест месеци годинава платиле 38,6, а лани 36,9 милиони евра.

    Крајниот резултат од овие трансакции е зголемување на нето-приходите од надоместоци и провизии од 56 милиони евра на 59,6 милиони евра.

    Растот на нето-приходите од провизиите го компензира падот на нето-приходите од каматите, па дури и донесе дополнителни средства. Зошто тогаш имаме таков пад на нето-добивката на банкарскиот сектор?

    ПОВИСОКИТЕ ПЛАТИ И ДРУГИТЕ ТРОШОЦИ СЕ ГЛАВНИТЕ ВИНОВНИЦИ

    „Пари“ продолжи да го бара одговорот за намалената добивка низ податоците. Оперативните трошоци се покажуваат како најголемиот „виновник“ за помалата добивка. Банките трошат значително повеќе за своето секојдневно функционирање.

    Трошоците за вработените се зголемија од 63,6 милиони евра на 69,4 милиони евра (пораст од речиси 6 милиони евра). Ова веројатно се должи на корекции на платите поради инфлација, зголемени придонеси или вработување нов персонал.

    Општите и административни трошоци се зголемија од 50,1 милион евра на 54,7 милиони евра (раст од околу 4,6 милиони евра). Ова ги вклучува трошоците за кирии, комуналии, информатичка инфраструктура, маркетинг и слично, кои се под влијание на општата инфлација.

    Амортизацијата исто така бележи благ раст, од 15,2 на 16,3 милиони евра.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично