
Осум години по ред, во овој период од годината, Битола добива поинаков ритам. Улиците околу Драгор и Саат-кулата се полнат со тркачи, навивачи, музика и енергија, а центарот на градот се претвора во голема спортска сцена.
Така беше и вчера, кога повеќе од 1.500 тркачи застанаа на стартот на осмото издание на „Трчај бе со Алпско“. Во 8:30 часот, точно според најавата, спроти Саат-кулата стартуваше трката на пет километри, а потоа по улиците на Битола тргнаа и натпреварувачите на 10 и на 21 километар.
Годинава конкуренцијата беше можеби најсилна досега. На патеката се собра речиси целата македонска атлетска елита на средни и долги патеки, а полумаратонската трка воедно беше и Национално првенство на Македонија. Посебно внимание привлекоа натпреварувачите од Кенија, кои уште еднаш покажаа зошто важат за светска сила во долгите трки, а во Битола беше поставен и нов рекорд на „Трчај бе“.

Но, она што му дава посебен дух на овој настан не се само најбрзите. Најмногубројни повторно беа рекреативците – луѓе од различни генерации, професии и животни приказни, обединети со иста цел: да стигнат до финишот. На патеката можеше да се видат спортисти, професори, бизнисмени, ученици, студенти, политичари, вработени во компании, но и луѓе кои едноставно решиле дека неделното утро ќе го поминат трчајќи низ својот град.
Токму во тоа е и шармот на „Трчај бе“. Од година во година настанот станува поголем, подобро организиран и пожив. Не расте само бројот на учесници, туку и бројот на компании кои на трката доаѓаат со свои тимови, претворајќи го спортскиот ден и во своевиден тим-билдинг.
Пред стартот имаше заедничко загревање, музика и добра атмосфера, а организаторите уште еднаш се погрижија трката да не биде само натпревар, туку настан кој го живее целиот град. Покрај патеката уште од рано наутро имаше битолчани кои ги бодреа учесниците, аплаудираа, фотографираа и создаваа атмосфера поради која и најтешките километри изгледаа малку полесни.
По осум изданија веќе може да се каже дека „Трчај бе“ прерасна во нешто повеќе од трка. Тоа е викенд во кој Битола се собира на едно место, во кој професионалците трчаат по рекорди, рекреативците по лични победи, а публиката го претвора центарот на градот во голема спортска трибина.
И ако секоја година се поставува прашањето дали настанот може да биде уште подобар, Битола повторно покажува дека може. Повеќе тркачи, посилна конкуренција, повеќе публика и уште поголема енергија – осум години подоцна, „Трчај бе“ веќе е дел од градскиот календар и настан кој Битола очигледно со нетрпение го очекува.
Во продолжение, низ фотографии од вчерашниот настан, пренесуваме дел од атмосферата од патеката, стартот и финишот, но и од улиците исполнети со публика која ги бодреше тркачите.

Аналитика








