
Инвеститорите денеска, 14 септември, имаат можност да купуваат и продаваат акции на Македонската берза без трошоци за брокерски услуги преку Комерцијална банка. Поволноста е дел од одбележувањето на „Инвеститорскиот ден“, иницијатива со која се настојува домашниот пазар на капитал да им се приближи на граѓаните и да се поттикне поголем интерес за инвестирање во акции на македонските компании.
Комерцијална банка и годинава се вклучува во иницијативата, при што за трансакциите што ги исполнуваат предвидените услови нема да се наплатува брокерска провизија.
Поволноста се однесува на нормални трансакции со акции склучени преку системот БЕСТ, со посредство на Комерцијална банка. Вкупниот промет што еден инвеститор ќе го реализира во текот на денот не смее да надмине 10.000 евра, без оглед на бројот на склучени берзански трансакции.
Трансакциите треба да бидат реализирани преку клиентска, односно сопственичка сметка.
Дополнителна поволност е што во рамки на „Инвеститорскиот ден“ нема да се наплатуваат ниту трошоци кон Македонската берза и кон Централниот депозитар за хартии од вредност. Практично, инвеститорите кои ги исполнуваат условите денеска можат да тргуваат со акции без вообичаените трансакциски трошоци кон овие институции и без брокерска провизија на Комерцијална банка.
Целта на „Инвеститорскиот ден“ е да се зголеми интересот на домашните индивидуални инвеститори за пазарот на капитал и да им се овозможи полесно да стекнат практично искуство со берзанското тргување.
Од Комерцијална банка посочуваат дека со долгогодишното присуство на пазарот на хартии од вредност и со својот брокерски тим продолжуваат да ја поддржуваат иницијативата и да ги охрабруваат граѓаните да ги разгледаат можностите за инвестирање што ги нуди домашната берза.
Аналитика








