Транспарентноста и предвидливоста во даночниот систем се исклучително важни за приватниот сектор. Вообичаено се вели дека компаниите секогаш бараат начини да го намалат даночното оптоварување, без разлика каде работат и колкава е висината на даноците. Тоа е точно, но сè мора да биде во рамките на законите, правилата и прописите, нагласи генералниот менаџер на „Костал Македонија“ и воедно претседател на Советот на странски инвеститори во Македонија, Виктор Мизо.
„Компаниите имаат обврска да работат во согласност со регулативата и да бидат одговорни кон своите акционери и сопственици, без разлика дали станува збор за компании котирани на берза или за големи семејни компании. Јас претставувам голема германска компанија во семејна сопственост, а нашите внатрешни процедури за усогласеност во многу случаи се построги и од регулативата што важи во дел од земјите во кои работиме.
Сè што правиме, на крајот, е предмет на проверка и ревизија во седиштето на компанијата во Германија. Истите стандарди ги применуваме без разлика дали работиме во Европската Унија, Северна Америка или на друг пазар“, истакна Мизо.
Според него, компаниите треба да ги плаќаат даноците таму каде што ги создаваат приходите и добивката.
„Доаѓам од автомобилската индустрија, каде што компаниите сакаат да соработуваат со партнери кои ги почитуваат правилата и прописите. Тука спаѓа и даночната дисциплина – даноците треба да се платат таму каде што се создаваат приходите и добивката. Тоа е исклучително важно за довербата и за долгорочното деловно работење.“
Мизо, како што и самиот посочи, е единствениот претставник на приватниот сектор на конференцијата „Охрид 2026“. Тој учествуваше на панел-дискусијата „Даночни приходи, даночен јаз и борба против неформалната економија: посилни јавни финансии и подобра усогласеност со ЕУ“.
Аналитика








