ПОВЕЌЕ

    ЕКСКЛУЗИВНО: Колку пари дадовме за увоз на храна изминативе 10 години?

    Време зa читање: 4 минути

    Македонија важеше за земјоделска земја. Земјоделието сè уште има значајно место во извозот, но домашната побарувачка на храна во голема мера е зависна од увозот. Низ годините многу пари се дадоа за субвенции на земјоделците, но земјоделската слика не се подобрува. Се празнат селата, остануваат земјоделски производи на нивите и секоја година, без разлика кој е на власт, се соочуваме армија од незадоволни земјоделци.

    Секако, не може да се занемари фактот дека низ годините се зајакнуваше конзервната индустрија, па сега гледаме низа конзервни капацитети што произведуваат ајвар и друга зимница. Се изградија и многу мали винарници. Но, сè уште имаме многу неискористени можности, а она што особено недостига како домашен производ на нашата трпеза се производи од сточарството. Јунешко месо од домашни производители речиси нема, свинското производство не е доволно, месната индустрија увезува месо за салами, со домашно производство не може целосно да се задоволат потребите за млеко, намази и други производи. Се увезува и брашно и масло за јадење…

    „Пари“ со помош на податоците од Државниот завод за статистика направи анализа: Kолку пари сме потрошиле изминатава деценија за увоз на храна? Секако, го анализиравме и извозот.

    Математиката кажува дека за 10 години за увоз на храна дадени се речиси 8 милијарди евра, а истовремено извозот изнесувал 3,2 милијарди евра. Изразено во количини тоа се безмалку 6,2 милијарди килограми увезена храна и 1,9 милијарди килограми извезена храна.

    УВОЗОТ НА ХРАНА РАСТЕЛ ПОВЕЌЕ ОД ИЗВОЗОТ

    Во 2015 година за увоз на прехранбени производи сме платиле околу 513,5 милиони евра, а во 2025 година над една милијарда. Изразено во проценти увозот се зголемил за 105,8 насто.

    Од друга страна, во 2025 година сме извезле прехранбени производи за околу 414 милиони евра, а 10 години пред тоа за 227,6 милиони евра. Или, за една деценија сме „освоиле“ раст за 82 насто.

    Бројките јасно кажуваат дека увозот расте со поголема динамика од извозот.

    КОЛИЧИНИТЕ ДАВААТ ПОРЕАЛНА СЛИКА

    Би можело да се каже дека паричната статистика е гола статистика. Таа го дава износот на потрошените пари, или на инкасираниот девизен прилив. Но, кога ќе се гледа тренд од 10 години, треба да се земе предвид еднодецениската инфлација. Сигурно немаме таков скок на увезени производи, или на извезени – како што покажуваат парите.

    Затоа, „Пари“ ги анализираше и количинските податоци.

    Во 2025 година нашиот извоз на храна изнесувал 170,4 милиони килограми, а 10 години пред тоа – 165,5 милиони килограми. Во количина, за овој период, извозот се зголемил за речиси 3 насто.

    Ланскиот увоз, пак, бил 613,7 милиони килограми, а во 2015 година – 588,9 милиони килограми, или за една деценија количински увозот се зголемил за 4,2 насто.

    И по количини, растот на извозот заостанува зад увозот.

    Државниот завод за статистика деновиве ги објави најновите податоци за трговската размена. Во периодот јануари – јули извозот на прехранбени производи бил 243,7 милиони евра, а увозот 613,5 милиони евра. Во количини, во првите 7 месеци од годинава се извезени 99,8 милиони килограми прехранбени производи, а се увезени 349,3 милиони килограми.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично