Послаба активност од страна на инвеститорите, но зголемен вкупен промет е генералната слика за движењата на Македонска берза во август. Најголем дел од тргувањето и во текот на осмиот месец бил канализиран кон неколкуте добро познати берзански имиња, пред сè Комерцијална банка и Алкалоид.
Вкупниот берзански промет во август се заокружил на 445.893.886 денари, што е противвредност од околу 7,25 милиони евра. Месечниот биланс е за 17,19 насто повисок во споредба со јули. Сепак, нештата се менуваат кога ќе се навлезе во структурата на прометот. Кај класичното тргување е реализиран промет од 229.971.119 денари, наспроти 335.358.143 денари во јули, што претставува пад од 31,43 отсто.
Најголемото надолно движење е регистрирано кај тргувањето со обврзници. Прометот, од 6.974.154 денари во јули, се намалил на само 1.266.394 денари во август. Во оваа ставка е запишан минус од 81,84 отсто. Кај акциите, пак, прометот паднал од 328.383.989 на 228.704.725 денари, или за 30,35 отсто.
Намалување има и кај блок-трансакциите – од 45.122.088 денари во јули на 23.645.250 денари во август, односно 47,60 отсто. А, разликата кај бројот на блоковите е еден, во седмиот месец имало 5, а во осмиот 4 вакви трансакции.
По краткотрајниот јулски „излет“ на втората позиција, акцијата на Комерцијална банка во август беше убедливо најтргувана на берзата. Купопродажбата на 4.158 акции обезбедила промет од 1.768.415 евра. Оваа сума има удел од 47,63 отсто во вкупниот августовски промет. Во реализираните 357 трансакции максималната цена достигнала 26.450 денари, минималната 25.551 денар, а просечната 26.153,61 денар.
Преку 249 трансакции инвеститорите вложиле 826.033 евра во 2.206 акции на Алкалоид. Ценовните движења оделе од 22.500 до 24.999 денари, при што месечниот просек е 23.026,39 денари. Во берзанскиот промет учествува со 22,25 отсто.
Во текот на август најниската вредноста на акцијата на НЛБ Банка била 51.500 денари, највисоката 53.790 денари, а просечната 52.142,97 денари. Истргувани се 373 акции со промет од 316.285 евра и удел од 8,52 отсто. Регистрирани се 81 трансакција.
Интерес е манифестиран и за 8.481 акција на Гранит, истргувани низ 46 трансакции. Со нив е остварен промет од 207.688 евра, кој во вкупниот промет партиципира со 5,59 отсто. Максималната цена на акцијата била 1.550 денари, минималната 1.462 денари, а просечната 1.505,93 денари.
Макпетрол ја заокружува петорката најтргувани акции. Во август цената се движела од 105.000 до 109.000 денари, со просечно ниво од 105.425,70 денари. Истргувани се 87 акции преку 33 трансакции, со промет од 149.156 евра. Оваа акција учествува со 4,02 отсто во прометот.
Овие пет акции заедно носат промет од близу 3,27 милиони евра. Или, околу 45,07 отсто од вкупниот промет во август.
Македонска берза го заврши осмиот месец со пазарна капитализација од 335.393.323.234 денари, проследена со раст од 0,33 насто. И покрај повисокиот вкупен промет, бројот на трансакциите опаднал на 960. Бројката е за 28,99 отсто помала од забележаната во јули. По месечниот пад од 0,17 отсто, на крајот од август МБИ10 имаше вредност од 9.278,09 поени.
Аналитика








