Кристина Краличин е првиот македонски автор застапен во WikiPoesia, италијанската енциклопедија посветена на поезијата, поетите и книжевните награди. Поетесата, со творештво инспирирано од природата, луѓето и внатрешната содржина на човекот доби своја страница што ја позиционира како македонска авторка во поширок меѓународен поетски контекст.
Од WikiPoesia, уште при разгледувањето на кандидатурата било посочено дека дотогаш во енциклопедијата немало македонска поетеса и нејзиното вклучување би претставувало примат.
Страницата за Кристина Краличин во WikiPoesia ја наведува како авторка од Скопје, родена на 6 март 1985 година, и ја определува како писателка, поетеса и преведувачка од Македонија.
По креирањето на авторскиот запис, Краличин официјално била известена од Renato Ongania од WikiPoesia, кој ѝ упатил честитки и ја информирал дека авторите вообичаено еднаш годишно ги ажурираат своите записи со новите публикации и освоените први места на релевантните книжевните конкурси во Италија.
Записот за Кристина Краличин е дел од нејзиното континуирано присуство на италијанската книжевна сцена, каде што во изминатите години е застапена преку поетски изданија, антологии, книжевни признанија и меѓународни соработки.
WikiPoesia е италијанска енциклопедија посветена на современите поети и поетски награди, што ја уредува Repubblica dei Poeti. На платформата се објавуваат биографски и библиографски податоци за поети, информации за поетски награди, конкурси и други теми поврзани со современата поезија. Токму затоа присуството во WikiPoesia значи дека творештвото на Краличин е внесено во меѓународна, тематски специјализирана база на поети и поетски настани.
За обемот на овој проект говорат податоците – според статистиката објавена од WikiPoesia, пребарувачот Google индексира 7.237 страници од нејзината содржина. Енциклопедијата опфаќа 388 современи поети, 504 поетски награди и конкурси, од кои 127 се под покровителство на WikiPoesia, како и 146 веќе наградени песни – добитници на први места. Во тој енциклопедиски простор се застапени и големите имиња на италијанската поезија – Данте, Леопарди, Фосколо, Унгарети, Д’Анунцио, Монтале, Квазимодо и Алда Мерини.
WikiPoesia бележи 40.991 преглед годишно и се претставува како „најпосетуваната поетска енциклопедија во Италија“, а нејзините содржини се користат како енциклопедиски извор на повеќе од 300 веб-страници.
Со вклучувањето на Кристина Краличин меѓу современите поети на WikiPoesia, Македонија за првпат добива свое место на поетската мапа на оваа италијанска енциклопедиска платформа.
Кристина Краличин го освојува италијанскиот книжевен простор – прв македонски автор во WikiPoesia
Аналитика








