ПОВЕЌЕ

    Каматата оди на 2,50%: ЕЦБ пред нов потег, но дилемата е дали тука ќе застане

    Време зa читање: 5 минути

    Одлуката што Европската централна банка треба да ја донесе во четврток веќе речиси и не е дилема за финансиските пазари. Многу поважно е што ќе следува потоа. Инвеститорите практично целосно вградија во цените зголемување на каматната стапка за 25 базични поени, со што депозитната камата на ЕЦБ би се искачила од 2,25 на 2,50 проценти. Но, додека новото затегнување на монетарната политика изгледа речиси извесно, сè понеизвесно е дали Франкфурт тука ќе застане.

    ЕЦБ повторно се најде пред добро позната, но незгодна равенка: инфлацијата е значително над целта, енергијата повторно поскапува, а економијата засега покажува поголема издржливост од очекуваната. Од друга страна, нови зголемувања на каматите носат ризик дополнително да ги поскапат кредитите и да ја притиснат потрошувачката и инвестициите токму во момент кога условите на финансиските пазари веќе стануваат построги.

    Последниот инфлациски извештај значително го засили аргументот за интервенција. Годишната инфлација во еврозоната во август се искачи на 3,3 проценти, од 2,9 проценти во јули, и повторно се оддалечи од целта на ЕЦБ од два проценти. Најголемиот притисок доаѓа од енергијата, каде што цените во август биле за 14,3 проценти повисоки од пред една година, по растот од 10,3 проценти во јули.

    Токму структурата на инфлацијата, сепак, е причината поради која ЕЦБ веројатно ќе биде многу повнимателна кога ќе зборува за следните чекори. Инфлацијата без енергијата во август останала на 2,2 проценти, додека растот на цените на услугите се намалил од 3,3 на 3 проценти. Тоа засега не укажува дека енергетскиот шок целосно се прелева врз целата економија. За централната банка клучното прашање е дали поскапата енергија ќе почне да ги турка нагоре и платите, услугите и поширокиот спектар на производи, создавајќи таканаречени индиректни и вторични инфлациски ефекти.

    Проблемот за ЕЦБ е што енергетската слика повторно се влошува непосредно пред состанокот. Цената на Брент во средата за момент ја надмина границата од 100 долари за барел, првпат од 24 јули, по новото засилување на конфликтот на Блискиот Исток и зголемените стравувања околу снабдувањето. На почетокот од август нафтата беше околу една четвртина поевтина. Такво движење веќе не може лесно да се игнорира во Франкфурт, особено ако високите цени се задржат подолго.

    Анкетата на Reuters покажува колку е силен консензусот за утрешниот потег. Сите 65 економисти опфатени во истражувањето спроведено од 31 август до 3 септември очекуваат зголемување од 25 базични поени, до 2,50 проценти. Тоа би било второ зголемување на каматите оваа година, откако ЕЦБ во јуни ја крена депозитната стапка од 2 на 2,25 проценти, а во јули реши да направи пауза.

    Но, консензусот завршува токму тука. Дури 91 процент од економистите во анкетата на Reuters очекуваат депозитната стапка да ја заврши 2026 година на 2,50 проценти, што би значело дека септемвриското зголемување ќе биде и последно. Околу 78 проценти сметаат дека стапката ќе остане на тоа ниво најмалку до средината на 2027 година. Пазарите, сепак, се понервозни и во цените веќе вградуваат значителна веројатност за уште едно зголемување до декември, а можноста за дополнително затегнување се протега и во следната година.

    И меѓу големите банки прогнозите почнуваат да се раздвојуваат. Deutsche Bank деновиве ја промени проценката и сега очекува уште едно зголемување од 25 базични поени во декември, со што депозитната стапка би стигнала до 2,75 проценти. Банката претходно очекуваше циклусот да заврши на 2,50 проценти, но продолжените енергетски притисоци и геополитичките ризици ја натераа да ја ревидира прогнозата.

    Дополнителна причина ЕЦБ да не брза со најавување на крајот на затегнувањето е фактот што економијата на еврозоната се покажа поотпорна отколку што се стравуваше. Најновата проценка на Eurostat покажува дека БДП во вториот квартал пораснал за 0,6 проценти во однос на претходните три месеци и за 1,2 проценти на годишно ниво. Тоа е подобар резултат од претходните проценки и ѝ дава на централната банка нешто поголем простор за борба против инфлацијата без непосреден страв дека едно умерено зголемување на каматите само по себе ќе ја турне економијата во рецесија.

    Во јуни ЕЦБ прогнозираше раст на еврозоната од само 0,8 проценти за целата 2026 година, 1,2 проценти во 2027 и 1,5 проценти во 2028 година. Тогаш очекуваше и просечна инфлација од 3 проценти годинава, 2,3 проценти следната и враќање на 2 проценти во 2028 година. Затоа утрешните нови економски проекции ќе бидат речиси подеднакво важни како и самата одлука за каматите. Ако ЕЦБ ја подобри прогнозата за раст, а истовремено покаже дека инфлацијата ќе остане над целта подолго од досега предвиденото, аргументите за уште едно зголемување до крајот на годината ќе станат посилни.

    Сепак, ЕЦБ има и причина за воздржаност. Повисоките приноси на државните обврзници веќе ги заоструваат финансиските услови без централната банка дополнително да интервенира. Десетгодишните трошоци за задолжување во Франција и Италија годинава се зголемени за околу 65 базични поени, а германските за околу 50 базични поени. Со други зборови, дел од „работата“ на повисоките камати веќе ја врши самиот пазар.

    Токму тука се крие и најделикатниот дел од утрешната порака на Кристин Лагард. ЕЦБ сака да покаже дека нема да толерира трајно враќање на инфлацијата над два проценти, но истовремено не сака да создаде впечаток дека започнува долг и агресивен циклус на зголемување на каматите поради шок кој сè уште во најголема мера доаѓа од енергијата.

    Таквата претпазливост има и историска тежина. Ако септемврискиот потег навистина биде последен, сегашниот циклус би бил најкраткиот циклус на зголемување на каматите на ЕЦБ од 2011 година. И тогаш централната банка двапати ги зголеми каматите во услови на нагло поскапување на енергијата, а тие одлуки подоцна често беа оценувани како грешка бидејќи следуваше слабеење на европската економија.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично