
За да ви ги украдат парите, повеќе не мора да ви ја пробијат лозинката, да ја хакираат банката или тајно да влезат во вашата сметка. Доволно е да ве убедат дека вашите пари се во опасност и дека единствениот начин да ги спасите е вие самите да ги преместите.
Токму на тоа се потпира една од најопасните финансиски измами што последниве години зема замав во САД. Позната е како „Phantom Hacker“, а нејзината сила не е во некаква револуционерна технологија, туку во добро режирана психолошка манипулација. Жртвата не гледа крадец. Таа мисли дека разговара со луѓето што треба да ја заштитат од него.
Прво може да пристигне порака, телефонски повик, електронска пошта или предупредување на компјутерот. Некој тврди дека има проблем со уредот, идентитетот или банкарската сметка. Потоа во приказната влегува „банкарски службеник“ кој потврдува дека парите навистина се загрозени. Ако тоа не е доволно убедливо, следува и трет лик – „државен службеник“, „истражител“ или претставник на институција кој ја потврдува приказната.
Три различни лица, три различни улоги, но една иста цел: сопственикот на парите сам да ја изврши трансакцијата.
Размерите покажуваат зошто ваквите измами веќе не можат да се третираат како изолирани интернет-инциденти. Американската Федерална трговска комисија – FTC објави дека во 2025 година граѓаните пријавиле загуби од 3,5 милијарди долари само од измами со лажно претставување. Загубите се речиси тројно поголеми отколку во 2020 година, а речиси една од секои три пријави за измама во 2025 година била поврзана токму со лажно претставување.
Особено опасни се случаите во кои измамникот се претставува како банка. Жртвата добива наводно безбедносно предупредување дека сметката ѝ е компромитирана, а потоа добива „совет“ парите веднаш да ги префрли за да ги заштити. Според FTC, во таквите случаи границата на загубата често е само износот со кој располага жртвата.
Во 2025 година речиси една милијарда долари биле пријавени како загубени во измами во кои криминалците се претставувале како компании, при што најголемите пријавени загуби биле поврзани со лажни банкарски претставници. Уште околу 920 милиони долари биле загубени во измами во кои некој се претставувал како претставник на државна институција.
„Phantom Hacker“ оди чекор подалеку. Наместо една лага, жртвата добива цела сценографија.
Канцеларијата на јавниот обвинител на Њујорк предупреди дека од 2024 година со вакви координирани напади биле украдени повеќе од една милијарда долари од луѓе кои се приближуваат до пензија или веќе се пензионери. Токму тие се особено привлечна цел – зад себе имаат децении работа, пензиски фондови, заштеди и имот што може брзо да се претвори во пари.
А кога банкарскиот трансфер станува премногу ризичен за измамниците, приказната добива уште поневеројатен пресврт – злато.
ФБИ уште во 2024 година предупреди дека криминалците ги убедуваат жртвите да ги ликвидираат средствата и да купуваат злато, сребро или да подигнуваат готовина. Потоа испраќаат курир кој лично доаѓа да го преземе „заштитениот“ имот. Само од мај до декември 2023 година, ФБИ регистрирал повеќе од 55 милиони долари загуби поврзани со овој модел на измама.
Колку далеку може да оди манипулацијата покажува случајот од Аризона од април годинава.
Според американското Министерство за правда, постара жена била убедена дека е жртва на кражба на идентитет. Еден од измамниците се претставувал како поранешен американски обвинител и ѝ кажал дека за да ги заштити средствата треба да купи злато и да го предаде на чување. Жената веќе им предала средства во вредност од повеќе од 400.000 долари. Но измамниците не застанале тука.
Во Аризона пристигнал курир кој требало да преземе уште 600.000 долари во златни прачки. Наместо златото, таму го пречекале американските истражни органи. Осомничениот бил уапсен.
Случајот открива една од најнеобичните карактеристики на оваа измама: криминалецот не бега со торба од банка. Жртвата оди во банка, ги повлекува сопствените пари, купува злато и доброволно му го предава на човекот за кого верува дека дошол да го заштити нејзиното богатство.
Тоа е и причината зошто ваквите измами се толку тешки за препознавање во рана фаза. Секоја поединечна постапка може да изгледа легитимно. Сопственикот лично ја одобрува трансакцијата. Тој самиот ја повлекува готовината. Тој го купува златото. Тој го дава налогот.
Токму брзањето, тајноста и создавањето чувство дека институциите веќе работат на случајот ѝ даваат сила на измамата. Наместо жртвата да се запраша дали разговара со измамник, таа почнува да мисли дека заедно со „банката“ или „истрагата“ се бори против измамникот.
И додека технологијата напредува, таа граница станува уште потешка за препознавање. Денес телефонскиот број може да изгледа како да е од банка, електронската порака може да биде речиси идентична со официјалната, а вештачката интелигенција дополнително го олеснува создавањето уверливи пораки и разговори.
Но зад целата технолошка сценографија останува една изненадувачки едноставна формула.
Ако некој ве убедува дека мора итно да ги префрлите парите на друга сметка за да ги „заштитите“, да купите злато, криптовалути или да предадете готовина на курир – опасноста можеби не е онаа за која ве предупредува.
И тоа е најголемиот пресврт кај новата генерација финансиски измами: криминалците повеќе не мора секогаш да најдат начин да влезат во вашата банка. Треба само да најдат начин да влезат во вашата доверба.
Аналитика








