На јавна понуда повторно ќе одат 27 акции на ТЕ-ТО. Почетната минимална цена за акција, определена врз основа на правилата за тргување на Македонската берза, е 20.555.556 денари, односно над 334 илјади евра. Одобрение за продажба, друштвото за производство на електрична и топлинска енергија доби од Комисијата за хартии од вредност.
„Отуѓувањето на сопствените акции на ТЕ-ТО АД Скопје ќе се реализира исклучиво како цел пакет од 27 акции по принципот ‘сѐ или ништо’ преку Македонска берза АД Скопје во согласност со моделот на одредување минимална цена со давање приоритет на налози со повисока цена и порано време на внесување на налогот. Jавната понуда ќе се смета за успешна доколку процентот на запишани и уплатени акции изнесува 100 % од понудените сопствени акции“, наведено е во известувањето од КХВ објавено по одржаната 96. седница.
Доколку реализацијата на аукцијата биде успешна, потенцијалниот купувач за пакетот треба да плати најмалку 555.000.012 денари или над девет милиони евра.
Ова не е прв обид за продажба на големиот пакет од 27 акции на ТЕ-ТО, кој обезбедува сопственост од 10,8 проценти. Со оваа почетна цена и лани во септември беше организирана јавна берзанска аукција, закажана за први септември. Акциите беа нудени во неколку наврати, кога за нив се бараше единечна цена од 622,3 илјади евра.
Аналитика








