Цените на нафтата денес пораснаа за 2,2%, а фјучерсите за суровата нафта Брент надминаа 100 долари за барел, откако тензиите меѓу САД и Иран продолжуваат да влијаат на енергетските пазари. Цената на Западен Тексас Интермедиејт, исто така, порасна за 1,5% на 94,5 долари за барел.
Иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда (IRGC) соопшти во среда дека нејзините поморски сили нападнале два американски брода и осум танкери за нафта во Персискиот Залив, тврдејќи дека нападите им нанеле голема штета на бродовите.
Во соопштението, IRGC изјави дека нападите биле „извршени како одговор на американската агресија, вклучително и напад врз пет ирански танкери за нафта во Персискиот Залив“.
IRGC не ги идентификуваше американските бродови или танкери за нафта за кои рече дека биле цел, ниту даде детали за тоа кога се случиле нападите.
Во соопштението се вели и дека иранските поморски сили нападнале уште 10 брода кои „се обиделе да влезат во ограничена и небезбедна зона на Ормутскиот теснец“, тврдејќи дека дејствувале со „охрабрување и поддршка од американската војска“.
Двете земји потпишаа меморандум за разбирање во јуни, со посредство на Пакистан и Катар, во кој се наведени чекорите за прекин на непријателствата, повторно отворање на Ормускиот теснец и решавање на економските ограничувања, но оттогаш се обвинуваат меѓусебно за неисполнување на обврските од меморандумот, додека воените тензии продолжија заедно со споровите околу санкциите и навигацијата низ Ормутскиот теснец, објави Анадолу.
(Фото: нафтена платформа, Divulgação Petrobras / ABr – Agência Brasil, CC BY 3.0)
Аналитика








