ПОВЕЌЕ

    РУСИЈА – НАЈГОЛЕМИОТ СТРАВ НА ЕВРОПА И НА СЕВЕРОТ: Во Финска почна безбедносна конференција за Арктикот

    Време зa читање: 3 минути

    На покана на финскиот премиер Петери Орпо, високи политичари од Европската унија од неделата се собираат во Рованиеми, во близина на Арктичкиот круг во Финска, за да разговараат за безбедносната ситуација на Арктикот. Градот Рованиеми е регионален центар на областа Лапонија и во светот е познат како „градот на Дедо Мраз“.

    Меѓу учесниците на состанокот се германскиот канцелар Фридрих Мерц, полскиот премиер Доналд Туск, данската премиерка Мете Фредериксен, литванскиот претседател Гитанас Науседа, романскиот претседател Никушор Дан, како и претставници на институциите на ЕУ.

    Во последниве години, Москва постојано ги засилува своите воени активности во регионот.

    ЕВРОПА СТРАВУВА ОД РУСКА АГРЕСИЈА НА СЕВЕРОТ

    Естонскиот премиер Кристен Михал за време на самитот за Арктикот во Рованиеми, Финска, изјави дека очекува нови хибридни напади од агресорот Русија врз Европа. Според него, целта на ваквите дејства е да се спречат европските земји да ѝ даваат поддршка на Украина во војната.

    Михал ја поврза веројатната ескалација на хибридните активности со својата проценка дека Украина оваа година ги спроведува борбените операции подобро отколку претходно. Естонскиот премиер исто така смета дека санкциите против руската економија даваат резултати и дека тоа го загрижува претседателот на агресорот Русија, Владимир Путин.

    Тој истакна дека во последните недели неколку западни разузнавачки служби ја разгледувале можноста и за хибридни напади и за ограничен воен напад, вклучително и врз балтичките земји. Според мислењето на Михал, Русија не очекува дека ќе оди толку далеку. Тој, исто така, позитивно ја оцени изјавата на земјите од НАТО на самитот во Анкара во врска со ефективноста на колективната одбрана и нагласи дека Алијансата добро функционира на воено ниво.

    Според Михал, Русија би можела да користи посредници, односно „прокси“ актери и криминални елементи за изведување хибридни напади. Истовремено, тој не верува дека Москва има намера да го тестира членот 5 од договорот на НАТО за колективна одбрана.

    Самитот за европскиот Арктик има за цел и да помогне во подготовката на ревидирана стратегија на ЕУ за Арктикот, која треба да биде претставена оваа есен. Актуелната стратегија беше изготвена пред целосната инвазија на Русија врз Украина.

    УЛОГАТА НА КИНА НА АРКТИКОТ

    На дневен ред е и присуството на Кина на Арктикот. Ова лето, Кина ја воспостави првата редовна бродска линија преку Северниот морски пат. Оваа рута се протега долж рускиот арктички брег и досега беше пловна само за време на потоплите месеци. Сепак, како што се повлекува морскиот мраз, тој временски прозорец постепено се проширува. Рутата е особено погодна за стоки чувствителни на температура, како што се литиумски батерии, електрични возила и соларна технологија – сектори во кои

    Кина е еден од водечките светски извозници.

    Кина и Русија, исто така, сè поблиско соработуваат на Арктикот. Пекинг инвестира во руски суровини, енергетика и инфраструктурни проекти. Во 2023 година, двете земји се договорија и заеднички да продолжат со развојот на Северниот морски пат и на технологиите за поларна пловидба, што веројатно ќе ѝ овозможи на Кина поголем пристап во иднина. Воената соработка исто така се зголемува, вклучително и преку заеднички патроли на крајбрежната стража. Во поново време се појавија и сомнежи дека Кина можеби била вклучена во акти на саботажа врз подморски кабли и цевководи.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично