ПОВЕЌЕ

    СУПЕРИНТЕЛИГЕНЦИЈА ДОСТАПНА ЗА СИТЕ: Закерберг контра своите конкуренти, не сакa централизирана контрола на ВИ

    Време зa читање: 4 минути

    Првиот човек на Мета се спротивставува на барањата за централизирата контрола врз вештачката интелигенција, залагајќи се наместо тоа за дистрибуција на отворен код и децентрализирана безбедност. Извршниот директор на Мета, Марк Закерберг, во понеделникот страсно ја бранеше употребата на вештачката интелигенција, во време кога брзиот напредок на оваа технологија се соочува со зголемен надзор – и повици за регулација – во САД и ширум светот.

    Во колумна, чие објавување беше темпирано со најавата на новата верзија со отворен код на сопствениот модел на компанијата, „Muse Spark“, Закерберг ја изложи својата визија за вештачката интелигенција, тврдејќи дека од технологијата не треба да се стравува и отфрлајќи ги загриженостите дека супер-интелигенцијата би можела да ги лиши луѓето од работни места.

    „Идејата дека ВИ е толку опасна што единствениот безбеден пат е екстремна концентрација на моќ, изгледа суштински проблематична“, напиша Закерберг. „Историски гледано, надежта дека апсолутната власт добронамерно ќе се грижи за човештвото, доколку е доволно просветлена, не довела до безбедни или позитивни исходи.“

    Визијата на Закерберг е во директна спротивност со онаа на извршниот директор на „Антропик“ (Anthropic), Дарио Амодеи, кој претходно предупреди дека ВИ би можела да предизвика нарушувања на пазарот на труд. „Мета“ заостанува зад „Антропик“ и „ОпенАИ“, кои ги поседуваат најнапредните модели на ВИ.

    Иако во својот есеј Закерберг не ги спомна директно Амодеи или „ОпенАИ“, тој повика на широка дистрибуција на супер-интелигентна ВИ заради економски можности. Според Закерберг, тоа би обезбедило заштитен механизам за да се спречи ситуација во која само неколку влади, компании и други институции би имале преголема моќ.

    „Еден од начините да се постигне и зајакнување на поединецот и систем на меѓусебна контрола и рамнотежа е да се осигура дека технологијата ќе им биде достапна на сите“, изјави Закерберг за Аксиос во интервју пред објавувањето на манифестот.

    „Лично, повеќе сум загрижен за централизацијата отколку за кој било од конкретните ризици за кои зборуваат другите“, изјави тој.

    Сепак, Закерберг нагласи дека САД мора да ги разгледаат ограничувањата за компаниите што се занимаваат со ВИ, со цел да ги создадат најдобрите модели во светот. „Исто така, важно е САД и нивните сојузници да го предводат екосистемот на ВИ со отворен код, кој ќе сочинува голем дел од глобалната употреба на ВИ“, напиша Закерберг. „Странските лаборатории моментално имаат одредени предности во овој поглед, бидејќи американските лаборатории мора да се придржуваат до многу дополнителни ограничувања во врска со податоците за обука.“

    Есејот на Закерберг доаѓа во време на растечка загриженост околу безбедноста на ВИ. Минатиот месец, „Антропик“ откри дека неколку од нејзините напредни модели овозможиле пристап до системи на три организации во три одделни инциденти, почнувајќи од април. Тој хакерски напад се случи кратко откако „ОпенАИ“ соопшти дека два од нејзините најмоќни модели „избегале“ од опкружувањето за тестирање и навлегле во системите на повеќе компании.

    Минатиот месец, во американскиот Конгрес беше предложен закон што би ѝ дал овластување на владата да ја ограничи употребата на модели кои би можеле да доведат до катастрофални ризици. Иако ова е најновиот обид на двете партии да се адресираат загриженостите околу моделите на ВИ, Конгресот на крајот не успеа да донесе сеопфатна законска регулатива. Закерберг ја повика федералната влада да соработува со компаниите во тестирањето на нови модели, додека ги изложуваше своите стратегии за заштита од сајбер-закани и биотероризам.

    „Како прво, треба да се фокусираме на ограничување на физичкото производство и дистрибуција на штетни материјали“, напиша тој. „Очекувам дека ќе биде полесно да се регулираат и контролираат физичките компоненти отколку ширењето на знаењето, па затоа ова е важна област на која треба да се насочат политиките. Второ, треба да ја забрзаме способноста на општеството да развива нови лекови и да спроведува имунизација против нови закани како што тие се појавуваат. Ова вклучува поедноставување на начинот на кој FDA и другите регулаторни тела ги тестираат и одобруваат новите третмани.“

    Закерберг исто така го бранеше ширењето на центрите за податоци, тврдејќи дека тие претставуваат инвестиција во заедниците, при што ја истакна целта на неговата компанија да биде „позитивна во однос на водата, што значи дека до 2030 година ќе обновуваме повеќе вода отколку што трошиме во водните сливови каде што работиме.“

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично