ПОВЕЌЕ

    Алкалоид повторно ја крена летвичката: Добивката над 17 милиони евра, инвестициите повисоки за 69 %

    Време зa читање: 3 минути

    Уште една потврда за статусот на Алкалоид како најголема и најуспешна фармацевтска компанија во Македонија, која ги зацврстува позициите на регионалниот и на пазарите низ светот. И првата половина од годинава не е исклучок. Зголемени се приходите, добивката и инвестициите. Истовремено, извозот добива во обем, а се развиваат и нови производствени капацитети.

    Во првите шест месеци од годинава Алкалоид оствари единечна нето-добивка од 17,24 милиони евра, за 13 насто повеќе од истиот период лани. Консолидираната нето-добивка достигнала 14,48 милиони евра, со раст од 4 насто. Притоа, од компанијата посочуваат дека поспориот раст на консолидираниот профит се должи на инвестициите во формирање и зајакнување на продажните тимови на дел од странските пазари, од кои се очекуваат подобри продажни резултати во наредниот период.

    Консолидираните приходи се во износ од 176,12 милиони евра, а ги следи зголемување од 3 насто на годишно ниво. Единечните приходи изнесуваат 120,77 милиони евра. Речиси целокупниот приход доаѓа од продажбата на производи и услуги.

    Извозот и натаму е главниот двигател на компанијата. Конкретно, 63 отсто од вкупната консолидирана продажба е реализирани на странските пазари. Учеството на домашниот пазар е со 37 отсто. Продажбата во Македонија пораснала за 12 насто, а најголем раст меѓу извозните пазари има Југоисточна Европа, каде што продажбата е повисока за 6 насто.

    Фармацевтските производи остануваат столбот на работењето и носат 92 отсто од вкупната продажба. Во овој сегмент најбрзо растат ОТЦ-препаратите – со 19 насто, а следуваат невролошките препарати со 9 и кардиолошките со 3 насто. Единствено, пад има кај антибиотиците, што компанијата го поврзува со помалата застапеност на бактериски инфекции во однос на минатата година.

    Инвестицискиот циклус продолжува со засилно темпо. Во првото полугодие Алкалоид инвестирал 13,62 милиони евра. Износот е за 69 насто поголем од минатогодишниот шестмесечен период. Дел од средствата се насочени кон изградба на фотоволтаични капацитети преку Алкалоид Енергетика, чија пробна работа започнува во јули.

    На крајот на јуни, консолидираните кредитни обврски изнесуваат 60 милиони евра.

    Паралелно со инвестициите, компанијата продолжува да го зајакнува и својот кадар. На домашен терен се реализирани 43 нови вработувања. Групацијата сега брои 3.030 вработени, од кои 2.221 се во земјава, а 809 во странските друштва. Просечната нето-плата во јуни изнесувала 1.100 евра, а на вработените им е исплатен регрес од 47.000 денари.

    Акцијата на Алкалоид останува една од најатрактивните на Македонската берза. На крајот од јуни компанијата имала 6.591 акционер, а пазарната капитализација достигнала 563,25 милиони евра. Годинава е исплатена и рекордно висока дивиденда – 720 денари бруто по акција, што е 14,3 насто повеќе од претходната година. Вкупно за дивиденда се распределени 16,76 милиони евра.

    И покрај предизвиците на дел од пазарите, Алкалоид останува на патеката на континуиран раст. Финансиските показатели повторно упатуваат на деловната стратегија која успешно ја комбинира профитабилноста со инвестициите и меѓународната експанзија.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично