ПОВЕЌЕ

    30 жртви во Јапонија: Земјотресот не е единствениот непријател – жештината ги загрозува преживеаните

    Време зa читање: 2 минути

    Спасувачите сè уште копаат низ урнатините во југозападна Јапонија, додека илјадници евакуирани жители се соочуваат со нова опасност – температури до 39 Целзиусови степени.

    Бројот на загинати во земјотресот што ја погоди префектурата Кумамото се искачи на 30, соопшти јапонската премиерка Санае Такаичи. Земјотресот со јачина од 6,8 степени предизвика уривање куќи, оштетување далноводи и прекини во снабдувањето со електрична енергија.

    Околу 9.000 луѓе се сместени во центри за евакуација, а повеќе од 30.000 домаќинства останаа без струја. Поради високите температури, властите предупредуваат на опасност од дехидратација и топлотен удар, особено кај постарите лица и децата.

    Министерството за одбрана испрати 300 клима-уреди во погоденото подрачје, од кои половина се наменети за центрите во кои престојуваат евакуираните жители.

    Најтешка е ситуацијата во трговскиот центар „Еон“ во Кашима, каде што се урнал дел од вториот кат. Околу еден час по земјотресот во објектот се случила и експлозија, за која се претпоставува дека била предизвикана од истекување гас. Неколку лица загинале, а спасувачите продолжуваат да ги пребаруваат урнатините.

    Операции се изведуваат и во фабриката на „Нипон Пејпер“ во Јацуширо, каде што најмалку пет лица загинале при делумно уривање на објектот. Од 11 заробени работници, седум биле спасени.

    Од главниот земјотрес досега се регистрирани повеќе од 100 последователни потреси. Стравот од нови уривања принуди многу жители да спијат во автомобили, наместо да се вратат во своите домови.

    „Живеам тука 75 години, но никогаш не сум почувствувала толку силен земјотрес. Мислев дека ќе умрам“, изјавила сопственичка на ресторан од Јацуширо.

    Кумамото беше погоден од серија силни земјотреси и во 2016 година, кога во регионот загинаа 278 лица. Десет години подоцна, жителите повторно се соочуваат со урнатини, страв од нови потреси и борба за основни услови во екстремна жештина.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично