Ноќта на вештерките (Halloween), која денес, 31 октомври, се одбележува во многу земји, одамна ја надмина својата првична симболика на духови, маски и огнови. Само во САД, според најновите проценки, потрошувачите годинава ќе потрошат рекордни 13,5 милијарди долари за костими, слатки, украси и други производи. Празникот, чии корени се поврзуваат со старите келтски обичаи, стана глобална индустрија, туристичка атракција и повод за масовни забави. Но, додека во едни земји се организираат спектакуларни карневали, во други прославувањето се ограничува поради верски, културни или безбедносни причини.
ОД КАДЕ ПОТЕКНУВА HALOWEEN И КАДЕ ЗА ПРВПАТ СЕ СЛАВЕЛ?
Корените на празникот водат во древната келтска традиција Самхаин (Samhain), која се практикувала на просторите на денешна Ирска, Шкотска и други делови на Западна Европа.
Самхаин го означувал крајот на жетвата и почетокот на зимскиот период. Според верувањата, ноќта меѓу 31 октомври и 1 ноември била време кога границата меѓу светот на живите и мртвите станувала особено тенка.
Луѓето палеле големи огнови, оставале храна за духовите и се маскирале за да се заштитат од натприродните суштества.
Често се наведува дека Самхаин се славел пред околу 2.000 години, но историчарите предупредуваат дека не постои сигурна година кога започнал, ниту доволно пишани извори што детално ги опишуваат најраните обреди. Значајни пишани сведоштва се зачувани во ирски текстови од IX до XII век.
Со ширењето на христијанството, овие традиции постепено се испреплетувале со Денот на сите светци, кој се одбележува на 1 ноември, и Денот на сите души, на 2 ноември. Називот Halloween потекнува од All Hallows’ Eve, односно вечерта пред Денот на сите светци.
Современиот празник, сепак, не е едноставно непроменет пагански обред. Тој е резултат на вековно мешање келтски, христијански и народни обичаи.
HALOWEN ГО ПОМИНАЛ АТЛАНТИКОТ СО БРИТАНСКИТЕ И ИРСКИТЕ ДОСЕЛЕНИЦИ
Главната пресвртница се случила во XIX век, кога голем број ирски и шкотски иселеници ги пренеле своите обичаи во Северна Америка.
Првично празникот бил особено присутен во иселеничките заедници. Кон крајот на XIX и почетокот на XX век почнал да се претвора во поширока американска прослава со забави, маскирање и игри.
Модерниот обичај trick-or-treat, кога децата одат од врата до врата и бараат слатки, се проширил особено во периодот од 1920-тите до 1950-тите години. По Втората светска војна, со развојот на предградијата и достапноста на фабрички пакувани слатки, станал масовна традиција.
Со текот на времето Холивуд, телевизијата, филмовите на ужасите и подоцна социјалните мрежи му дадоа на празникот препознатлив глобален идентитет.
БИЗНИС ВРЕДЕН МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ
Според американската Национална федерација на трговците на мало (NRF), за Halloween во 2026 година се очекува рекордна потрошувачка од 13,5 милијарди долари, наспроти 13,1 милијарди долари во 2025 година.
Дури 74 проценти од американските потрошувачи планирале на некој начин да го одбележат празникот.
За што Американците ќе потрошат најмногу во 2026 година? Проценките кои ги прават тамошните економисти „вртат“ големи суми, кои главно, се трошат за следниве категории стоки: за костимирање на семејството и на домашните миленици годинава ќе се потрошат преку 4,4 милијарди долари, за украсување на домови – 4,3 милијарди, за разновидни слатки Американците ќе платат дури 4,1 милијарда и за честитки – околу 800 милиони долари.
Интересно е што костимите не се наменети само за луѓе. Американците планираат да потрошат околу 920 милиони долари за маскирање на домашните миленици.
Уште еден показател за комерцијализацијата е раното купување: 49 проценти од испитаниците изјавиле дека купувањето го започнуваат уште во септември или порано. Речиси половина од анкетираните потрошувачи користат и алатки со вештачка интелигенција за идеи за костими, украси или избор на производи.
За разлика од САД, не постои единствена меѓународно усогласена и проверлива проценка за вкупната светска потрошувачка на Halloween во 2026 година. Националните истражувања користат различни методологии, опфаќаат различни производи и понекогаш ги вклучуваат забавите, угостителството и туристичките услуги.
Според достапните податоци, во Велика Британија за Халоуин ќе се потрошат 1,6 милијарди фунти, додека во Австралија ќе бидат потрошени 510 милиони австралиски долари.
Во ирската традиција се зачувани огновите, маските и старите приказни за духови. Дери организира еден од најголемите европски Halloween фестивали, кој во 2026 година го одбележува својот 40-годишен јубилеј. Се очекуваат карневалски поворки, театрални претстави и светлосни спектакли.
САД и Канада – костими и слатки од врата до врата
Децата облечени како вештерки, духови и суперхерои ги обиколуваат соседите со повикот „Trick or treat!“ (приближно „Слатки или шега!“). Во дел од населбите домовите се претвораат во вистински сценографии со пајажини, скелети и осветлени тикви.
Јапонија – масовно маскирање и косплеј
Halloween во Јапонија е особено популарен меѓу младите, со костими инспирирани од аниме, манга и видеоигри. Во Токио има организирани фестивали, меѓу кои и косплеј настаните во Икебукуро.
Мексико – сеќавање на починатите
Во истиот период се одбележува Денот на мртвите (Día de los Muertos), со украсени олтари, фотографии, свеќи, цвеќиња и храна за починатите. Важно е дека ова е посебна мексиканска традиција, а не мексиканско име за Halloween. Таа е признаена од УНЕСКО како нематеријално културно наследство.
Португалија – леб наместо слатки
Покрај модерните Halloween забави, во некои португалски заедници се одржува Pão por Deus, обичај на 1 ноември кога децата посетуваат домови и добиваат леб, колачи и други дарови
КАДЕ Е ЗАБРАНЕТО ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА HALOWEEN?
Да, во одредени земји постојат конкретни забрани или ограничувања, но важно е да се разликува целосна законска забрана од ограничување на јавни настани или религиозна забрана.
Иран: Во октомври 2026 година властите во областа Аран ва Бидгол забранија Halloween настани во туристички и сместувачки објекти, со предупредувања за можно затворање објекти и одземање дозволи. Во 2025 година беа воведени и пошироки ограничувања за комерцијални прослави и продажба на производи поврзани со празникот. Причините што ги наведуваат властите се заштитата на исламските и иранските културни вредности.
Русија: Нема општа федерална забрана за Halloween, но во одделни региони и училишта се ограничуваат или откажуваат прослави со образложение дека празникот не е дел од традиционалните руски вредности.
Аналитика








