
Колку пари може да заштеди едно македонско семејство кога ќе ги плати храната, сметките и другите основни животни трошоци? Ако едниот родител зема просечна, а другиот минимална плата, на четиричлено семејство месечно му остануваат само 4.421 денар. Но, доколку живее под кирија, наместо простор за штедење, семејниот буџет покажува недостиг од речиси 11.000 денари. Ова го покажува пресметката на „Пари“, направена ден по Светскиот ден на штедењето, 31 октомври, врз основа на најновите податоци за платите и трошоците за живот.
Според последните достапни податоци на Државниот завод за статистика, просечната нето-плата во август изнесувала 48.733 денари, додека минималната нето-плата е 26.046 денари. Истовремено, октомвриската синдикална минимална кошница достигнала 70.358 денари, а за четиричлено семејство кое живее под кирија во стан од 60 квадратни метри, пресметаните месечни потреби се зголемуваат на 85.733 денари.
Колку останува од семејните приходи во различни ситуации?
Семејство со две минимални плати располага со вкупно 52.092 денари месечно. Тоа значи дека му недостигаат 18.266 денари за покривање на трошоците предвидени со синдикалната кошница. Доколку плаќа и кирија, недостигот се зголемува на 33.641 денар. Во вакви услови, не само што нема простор за штедење, туку приходите не се доволни ниту за пресметаните основни потреби.
Ако едниот родител заработува просечна, а другиот минимална плата, семејниот приход изнесува 74.779 денари. По покривањето на синдикалната кошница остануваат 4.421 денар, односно околу 147 денари дневно. Тоа е максималниот потенцијален простор за штедење според оваа пресметка, под услов да нема дополнителни трошоци. Но, ако семејството живее под кирија, месечните потреби ги надминуваат приходите за 10.954 денари.
Најповолна е состојбата кај семејство со две просечни плати. Со заеднички приход од 97.466 денари, по покривањето на основната кошница остануваат 27.108 денари. Ако плаќа кирија, остатокот се намалува на 11.733 денари. Во овој случај постои поголема можност за штедење, но таа зависи и од евентуалните кредитни обврски и непредвидените трошоци.
Колку основните потреби го оптоваруваат семејниот буџет покажува и структурата на синдикалната кошница. Само за храна и пијалаци на четиричлено семејство му се потребни 26.170 денари месечно – повеќе од една минимална плата. За комунални и сродни трошоци се пресметани дополнителни 6.379 денари, а за превоз уште 5.468 денари.
Овие бројки покажуваат дека можноста за штедење не зависи само од финансиските навики, туку пред сè од висината на приходите, бројот на членови во домаќинството и трошоците за домување. Притоа, станува збор за пресметки според синдикалната кошница, а не за реалните трошоци на секое семејство, кои можат значително да се разликуваат.
Во месецот посветен на штедењето, заклучокот е јасен: за дел од домаќинствата во Македонија предизвикот не е колкав дел од платата да издвојат за иднината, туку како со расположливите приходи да ги покријат трошоците до следната плата.
К.П
Аналитика








