
Македонското правосудство со години е една од најкритикуваните области во извештаите на Европската комисија, но и една од темите што најмногу ја поткопуваат довербата на граѓаните и бизнисот во институциите. Долгите судски постапки, нееднаквата примена на законите, политичките и бизнис-влијанијата, како и недоволната ефикасност на системот, остануваат предизвици што сè уште чекаат суштински решенија.
Во интервјуто за Пари, адвокатот Стевица Јосифовски, кој зад себе има повеќедецениско искуство во обвинителството, државните институции, корпоративниот сектор и адвокатурата, отворено зборува за состојбите во македонското правосудство, слабостите на системот и потребата од вистински реформи. Според него, најголемиот проблем не е недостигот на закони, туку нивната примена, а довербата во институциите не се враќа со стратегии и акциски планови, туку со брза, ефикасна и еднаква правда за сите.
„Бавната правда е полоша од најголемата неправда“, вели Јосифовски, посочувајќи дека без независно судство и самостојно обвинителство не може да има ниту владеење на правото, ниту стабилна деловна клима и економски развој.
ПАРИ: Во Вашата професионална биографија се истакнува фактот дека Вашето професионално искуство не сте го стекнале исклучиво со адвокатурата, туку пред адвокатурата сте работеле во Јавното обвинителство, Монополската управа при Министерството за економија (денешна Комисија за заштита на конкуренцијата), вработен сте биле како експерт во Македонски Телеком и на крајот како директор на правен сектор во Македонски Телеком АД Скопје. Дали работата како адвокат претставува круна на Вашата професионална правничка кариера и колку е важно искуството коешто сте го стекнале на останатите работни места во работата како адвокат?
Јосифовски: Да бидам искрен, како млад, за време на студиите, си замислував дека ќе работам како обвинител. Како што заминав од обвинителство во 2001 година, и како што се менуваа работните места, таа идеја ме напушти. Едноставно, условите во кои работат обвинителите, и од аспект на техничка и кадровска опременост, од аспект на материјални примања, влијанијата на поединци од извршната, законодавната и локалната власт и бизнис-групите во работењето, со текот на времето ме обесхрабрија. Адвокатурата како професија е исклучително напорна професија што бара многу одрекувања, фокус и посветеност, но, од друга страна, е креативна, инвентивна, флексибилна во поглед на работното време, што во овој период од животот најмногу ми одговараше. И по 11 години би ја донел истата одлука. Дојде некако во вистинско време на човечка и професионална зрелост, но, како и секој успех во животот, е сплет на повеќе околности – макотрпна работа, квалитетен тим и поклопување на определени коцкички во мозаикот, односно настапување на среќни околности. Секако, менаџерските обуки што ги имав работејќи на претходните работни места, многу ми помогнаа при етаблирањето, растот и успехот во канцеларијата.
ПАРИ: Вашата адвокатска канцеларија во изминатата деценија стана препознатлива поради учеството во сериозни правни процеси, комплексни предмети и клиенти што бараат високо ниво на доверба и дискретност. Што, според Вас, е клучно за да се изгради адвокатска репутација што трае и се развива со години?
Јосифовски: Адвокатската канцеларија „Јосифовски“ не е само Стевица Јосифовски. Во неа е вткаен труд, знаење, искуство на сите колеги што проциркулирале изминативе години, работејќи во канцеларијата, како и на тие што денес работат. Без тимска работа и без заеднички прифатена мисија и визија, нема резултат. Нашето мото во канцеларијата е: „Ние не нудиме услуги, ние нудиме решенија.“ Тоа подразбира дека од сите 2-3000 активни адвокати во државата, 90 насто од нашите колеги ќе понудат правна помош без оглед дали исходот на спорот ќе биде позитивен или негативен, битно им е првично да се наплатат паричните средства. Нашата канцеларија настапува отворено и транспарентно кон клиентот, со укажување дали во конкретниот случај постои или не постои шанса за успех, па во зависност од тоа предлагаме спогодба, исплата, медијација или други алтернативни начини на решавање на споровите. Сметаме дека тоа е фер пристап кон клиентите, нешто што нема да ги оптеретува дополнително финансиски, а од друга страна ќе имаме брзо решавање на потребите на клиентите. Не практикуваме старинска адвокатура, олицетворена во анегдотата со крувчето што го хранело семејството на таткото адвокат со децении, а синот адвокат го решил проблемот на едно рочиште. Подобро е брзо решавање на спорот и можност за застапување/правна консултација во други сегменти, отколку 10 години да застапуваш еден спор од клиентот, со цел да наплаќаш повеќе рочишта, да го изгубиш спорот и прстот да го впериш во судиите. Да ја скратиме приказната – довербата од клиентот е клучна. Таа се гради бавно, а се губи за еден момент. За доверба е потребна експертиза, доверливост, посветеност, тим и пронаоѓање на најдоброто решение за странката. Стопроцентен успех нема во ниту една професија, па ниту во мојата, но секогаш им велам на моите колеги да се внесат максимално во предметната работа и да го обезбедиме најстручниот повратен одговор кон клиентот, а врз останатото, кое не зависи од нас, немаме контрола. Многу е тешко на странката да ѝ објасниш зошто еден спор што има големи шанси за успех, наместо за една, завршува за три-четири години. Судиите закажуваат две рочишта годишно, од кое едно задолжително се одлага поради немање записничар, отсуство на судија или на некоја од странките. Бавната правда е полоша од најголемата неправда.
ПАРИ: Во професија каде што резултатите не зависат само од знаењето, туку и од стратегијата, процената и комуникацијата, како изгледа процесот на избирање стратегија кај еден адвокат кога предметот носи висок ризик или голем јавен интерес?
Јосифовски: Интересно прашање. Навлегува во повеќе сфери. Стратегијата не зависи само и исклучиво од можноста за успех на предметот. Се прави колегијална анализа на секој предмет поединечно, ако е покомплексен, која е веројатноста за добивање/губење на спорот, кој одлучува, кој е обвинител, која е спротивна странка, дали е приватно лице или државен орган и сл. Зошто го правиме тоа? Ова го правиме од причини што често пристапот и пресудувањето на судиите во голема мера е условено од статусот на странката. Државните органи се „привилегирани“ и многу е тешко да имаш позитивен исход и во случај на добитна комбинација. Пред сè, тука мислам на постапките пред управното судство, каде што спротивни странки се УЈП или Царинската управа. Во редовното граѓанско судство пак, значење може да има и самата позиција на странката – дали станува збор за голем правен субјект, со значајна бизнис-моќ, со сериозно економско влијание, долгогодишно присуство и воспоставени релации во системот, или за ,,обична“ странка што нема институционална тежина и настапува без таква поддршка и тежина. Вам можеби ова ви изгледа нереално и контрадикторно на самата суштина на основната функција на судот, но тоа се работи со кои ние се соочуваме во секојдневното работење. Имаме еден спор во канцеларијата, кој се води 20 години, јас го презедов пред 8 години, и сè уште трае. Станува збор за надоместок за експропријација на земјиште, во близина на Тетово, каде што веќе две децении странска фирма работи со одлични финансиски резултати. Сопственикот на земјиштето сега има 83 години, и прашање е дали ќе ја доживее правдата. Ова од причини што и покрај 7 одлуки на првостепениот суд во Тетово, со кој се определува надоместокот за експропријација, Апелациониот суд во Гостивар го враќа предметот на повторно и повторно одлучување, со небулозно и бесмислено правно образложение, без мериторно да одлучи, само и исклучиво поради тоа што странка во таа постапка е државен орган што го експроприрал земјиштето и треба да го исплати надоместокот. Недозволиво!
Во државата постојат неколку големи правни субјекти против кои е исклучително тешко да се води и добие судски спор, не секогаш поради силата на нивната правна аргументација, туку и поради нивното бизнис-влијание и воспоставени релации во системот. И не станува збор секогаш за корупција во класична смисла на зборот. Многу почесто станува збор за посуптилни форми на влијание – преку бизнис-моќ, преку поединци во институциите, преку врски со извршната или законодавната власт, или преку локални структури на моќ коишто со години создаваат одредена предност за одредени субјекти.

ПАРИ: Колку адвокатурата во Македонија денес е професија на правото, а колку професија на издржливост во систем што често е бавен, непредвидлив и подложен на различни влијанија?
Јосифовски: Како што наведов и претходно, политичките и бизнис-влијанијата постојат, и тие во голема мера го ставаат на тест интегритетот на самите судии. На крајот, судиите како фела мора да го одбранат сопствениот професионален интегритет и независноста на судската власт. Сметам дека ниту една власт нема да се откаже од своето влијание во судството, сè додека самите судии тоа го дозволуваат. Една од суштинските работи што мора да се направи е да се обезбеди вистинска финансиска и институционална независност на правосудството. Судството треба да го добие делот од БДП што му следува по сила на закон, а обвинителството соодветниот процент од буџетот на државата. Недозволиво е клучни прашања за функционирањето на правосудните органи, како што се вработувања, кадровско екипирање и организациски капацитети, да зависат од согласност на Министерството за финансии. Секоја институција, во рамки на законски обезбедениот буџет и реалните потреби, треба самостојно да одлучува за своето функционирање, преку надлежните тела како Судско-буџетскиот совет. Со соодветно финансирање на судот, обвинителството и државното правобранителство, нема да се обезбеди само независност и самостојност во одлучувањето, туку и побрза и поефикасна правда.
Адвокатурата, од друга страна, мора да остане доследна на својата професионална улога. Адвокатите треба да се држат до својата професионална експертиза, а преку Адвокатската комора да обезбедат заштита на своите права и достоинството на професијата. Тоа, според мене, е нешто што недостига во овој момент. Адвокатите не треба да се доведат во позиција да бидат посредници меѓу странките и правосудните органи, туку треба да бидат третирани како рамноправен чинител на правосудниот систем. Секако, и адвокатурата треба да се развива и унапредува, преку обуки, семинари, конференции, бидејќи правото е жива материја и не е дадено еднаш засекогаш. Не е како природните науки и закономерностите што владеат таму. Општествена наука е, и се менува. Се менуваат законите, подзаконските акти, па и Уставот. Правни области што пред десет или дваесет години биле во втор план, денес стануваат исклучително важни, особено поради дигиталната ера во која живееме. И во нашата фела, како и во секоја друга професија, има голем број колеги што не го оправдуваат угледот на професијата, но со самостојни, стручни и независни правосудни органи, природната селекција неминовно ќе дојде до израз.
ПАРИ: Во јавноста често се создава впечаток дека граѓаните сè помалку веруваат дека правдата може да биде брза, ефикасна и еднаква за сите. Од Ваш агол, дали проблемот е во законите или во начинот на кој функционираат институциите?
Јосифовски: Законите во најголемиот дел се усогласени со правото на Европската Унија, односно со acquis communautaire. Проблемот, според мене, не е секогаш во нормативната рамка, туку во нејзината примена. Тоа, впрочем, се нотира во сите извештаи на Европската комисија и останатите меѓународни институции што го набљудуваат правосудството. Сите стратегии во правосудството, акциски планови и реформски документи остануваат без вистински ефект ако свеста, интегритетот и професионалната одговорност на клучните чинители се на ниско ниво. Потребна е сеопфатна и темелна реформа, не само на хартија туку и во начинот на функционирање на институциите. Ова е нешто што требаше да се направи на почетокот на 90-тите години, и да стане правило во функционирањето во правосудството.
Еве еден парадокс – Републичкиот судски совет, кој функционираше до 2005 година, имаше членови што навистина беа истакнати правници, стручни, компетентни колеги, со интегритет. И ден-денес споменуваме некои од нив. За разлика од тоа, Судскиот совет, во формата во која функционира од 2005 година наваму, во голема мера не успеа да ја оствари улогата што требаше да ја има – да биде вистински гарант на независноста, професионалноста и одговорноста во судството. Наместо да биде заштитен механизам на судската власт, во јавноста често се создава впечаток дека голем дел од неговите членови биле, а и денес се подложни на политички или бизнис-влијанија, поради што одлуките на Советот неретко се перципираат како одлуки донесени под влијание на такви центри на моќ, а не исклучиво врз основа на стручност, интегритет и независна процена.
Затоа и голем дел од одлуките на Судскиот совет се укинати од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, токму поради неиздржаните одлуки на Судскиот совет, кој го сметам за најслаба алка во правосудството. Иако по дефиниција е орган, а не суд, како регулаторно тело во голема мера потфрли сите овие години. Впрочем, неговата работа се огледа во довербата на јавноста во работењето на судиите.
На крајот, работата на Судскиот совет не се оценува само според бројот на донесени одлуки, туку според тоа дали јавноста верува дека судиите се избираат, оценуваат и разрешуваат врз основа на стручност, интегритет и независност. Во тој дел, очигледно е дека системот сè уште не го испорачува она што граѓаните со право го очекуваат.

ПАРИ: Кога зборуваме за судството, често се споменуваат најразлични влијанија врз судството, селективност и неефикасност. Што е, според Вас, најголемата слабост на македонскиот правосуден систем во овој момент?
Јосифовски: Не може да има вистински напредок ако судиите и обвинителите се избираат, унапредуваат или оценуваат без јасни, мерливи и суштински критериуми за стручност, интегритет, резултати и независност. Формалното исполнување услови не е доволно. Потребно е да се знае кој како работи, какви одлуки носи, колку предмети решава, како ги образложува одлуките и дали постапува независно и професионално. Особено важно е органите што одлучуваат за кариерата и одговорноста на судиите и обвинителите да бидат составени од луѓе со неспорен професионален интегритет, знаење и искуство. Не може членовите на тие тела да бидат резултат на одлука на луѓето што седат во Илинденска бб. Ако Судскиот совет и Советот на јавни обвинители не уживаат доверба, тогаш тешко може да се очекува доверба и во целиот правосуден систем. Затоа, според мене, најитната промена е да се воспостави реален, транспарентен и строг систем на избор, бодување и одговорност на судиите и обвинителите. Не спектакуларна реформа на хартија, туку секојдневен механизам што ќе овозможи квалитетните и независни професионалци да напредуваат, а оние што не ги исполнуваат стандардите да сносат последици.
Не се во прашање само политичките влијанија, во прашање се и структурните слабости и корупцијата, во каков било облик. Наместо да биде заштитник на судската независност, судскиот совет е сè поподложен на политички и деловни влијанија во одлучувањето. Не е проблемот во тоа дали за член на Судски совет ќе биде избран стручен соработник, адвокат, судија, правник во фирма или државен орган, со повеќегодишно искуство, проблемот е во интегритетот, стручноста, независноста, совеста на избраниот кандидат. Професионалниот морал и одговорноста на носителите на правосудни функции мора да биде на повисоко ниво. Недозволиво е за министер за правда да биде избрано лице што нема ниту еден ден стаж во работењето на правосудните органи, а е таму поради „системот на плен“, односно поради припадноста кон определена политичка опција што е на власт. Не може тој министер да донесе суштински реформи, бидејќи не го познава проблемот во неговиот корен. Не го познава, бидејќи го нема потребното искуство. Тоа е исто како мене да ме предложат за прв човек на ЕСМ или Македонски железници. Освен што како дете сум сакал да се возам со воз, ништо друго не знам за железница. Секако дека не би ги прифатил тие функции, бидејќи не ја познавам работата таму. Не станува тука збор за добри или лоши менаџерски способности, туку за тоа дека е неопходно да имаш елементарни познавања на сферата што ја управуваш. Истото мора да важи и за правосудството. Не може правосудството да биде простор за политичко вдомување, туку мора да биде сектор воден од луѓе што ја разбираат материјата, институциите и реалните проблеми на системот.
Контроверзни измени во законодавството, како тие на Кривичниот законик во 2023 година, дополнително ја отежнуваат борбата против високата корупција и криминалот. Судските процеси траат предолго, предметите застаруваат, нема брзо и правично судење. Хроничен недостиг на стручен кадар, судии, обвинители, нема техничка опременост… Сите овие работи влијаат врз перцепцијата на граѓаните во работата на правосудните органи. Препораките на Оценската мисија на ЕУ сè уште не се имплементирани во целост, што доведе до запирање на средства од ЕУ. А акциони планови, стратегии, колку сакаш. Најквалитетните судии и обвинители ги затекнав во 90-тите години, работејќи како волонтер/стручен соработник во Окружното јавно обвинителство во Скопје и Основното обвинителство во Гостивар. Како што одминуваат годините, и како што се менуваат политичките гарнитури, ерозијата на правосудниот систем е сè поголема и поголема. Дали Академијата за судии и јавни обвинители ја исполни својата улога? Делумно, според мене. Има судии и обвинители што произлегоа од Академијата и што целосно ја заслужуваат тогата. Има такви што се изгубени во просторот и времето. И повторно ќе се сведе на истото – ирелевантно е дали таквиот судија/обвинител е избран во правосудството како стручен соработник или како академец, битно е колкав интегритет, знаење и волја за примена на правилата и прописите има.
Како да се премости сето ова:
- Нов генерален реизбор на сите судии и обвинители, пред ад хок комисија во која ќе членуваат најдобрите правни експерти во државата, кои ги имаме, а тие не се оние што секојдневно гостуваат на ТВ-програмите. Во таа комисија ќе бидат набљудувачи експерти од ЕУ, повикани преку Венецијанската комисија или преку самата ЕК. Реизборот задолжително ќе вклучува проверка на професионалниот интегритет на кандидатот, потекло на имотот и евентуална поврзаност со криминал или политички влијанија. Оваа тема се заговара со години кај нас, но нема соодветен политички консензус, бидејќи на ниту една Влада не ѝ одговара самостојно и независно судство и самостојно обвинителство.
- Треба да се зајакне капацитетот и улогата на Академијата за судии и јавни обвинители, како и тој на Државната комисија за спречување на корупција, од аспект на континуирана проверка на имотот на судиите и обвинителите.
- Потребно е да има ротирање на предметите во апелационите судови – на пример, за предмети по жалба на скопско апелационо подрачје, една година да одлучуваат апелациони судии во Скопје, втората година во Штип, третата година во Битола, четвртата во Гостивар. Ќе се намали влијанието при донесување на одлуките.
- Да се обезбеди финансирање на судството и обвинителството, во согласност со постојните законски решенија, без никакво мешање на која било власт, без оглед дали е извршна, законодавна или локална.
- Итна и неодложна измена при изборот и разрешување на членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Нарушениот кредибилитет не се коригира со нови членови, а исти предлагачи за избор на членови. Дури и изборот на членови на Судскиот совет, номинирани од судиите, е однапред договорен.
Во секој случај, сакам да апострофирам една работа, за да нема никаква дилема – во правосудниот систем има судии, обвинители, правобранители, што чесно и вредно си ја извршуваат функцијата. Има судии од кои и ден-денес учам при изработката и пишувањето на писмениот отправок, или во делот на примената на процесните правила при водењето на постапките. Има судии и обвинители со кои навистина ти е задоволство да работиш и да се докажуваш со правни аргументи, со сила на словото на законот, а не од позиција на сила. Такви судии и обвинители во голем дел има и во останатите градови во државата, не само на подрачјето на двата најголеми суда во Скопје. Но, поради системските слабости и сите оние неправилности погоре елаборирани, тешко доаѓаат до израз. Едноставно, се пасивизираат од учество во здруженија, комисии, стручни тела за реформи, бидејќи се свесни дека се малцинство во фелата, и дека и покрај чесните и добри намери нема да се постигне подобрување на статусот на фелата. Ваквите судии и обвинители треба да се поттикнат за поактивна улога, без да се грижат за својот статус и позиција. Имаат многу што да кажат. Има голем број на судии и обвинители во пензија, кои исто така може сериозно да придонесат за реформа во правосудството. Без независно судство и самостојно обвинителство, нема владеење на правото, а со тоа се подрива и самата правна држава.
ПАРИ: Адвокатите се можеби единствените што секојдневно го гледаат судството „однатре“. Каква е реалната состојба зад официјалните извештаи и реформски стратегии?
Јосифовски: Официјалните извештаи најчесто ги детектираат проблемите правилно, но не можат целосно да ја доловат секојдневната реалност во судниците. Реалноста е дека граѓаните и компаниите сè уште се соочуваат со долги постапки, чест недостиг од административен кадар, одложувања на рочишта и нееднаква судска пракса. Од позиција на адвокат, можам да кажам дека најголемиот проблем не е недостигот на закони или стратегии, туку отсуство на ефикасна имплементација. Имаме ситуации каде што предмет кој објективно би можел да заврши за една година, трае четири или пет години. За инвеститорите и деловната заедница тоа создава правна несигурност, а за граѓаните чувство дека правдата е недостижна. Затоа сметам дека вистинскиот успех на реформите нема да се мери според бројот на усвоени стратегии, туку според времетраењето на постапките, квалитетот на одлуките и довербата што граѓаните ја имаат во институциите.
ПАРИ: Како ја оценувате комуникацијата меѓу судството, обвинителството и адвокатурата? Дали адвокатите денес се третираат како рамноправен столб на правниот систем?
Јосифовски: Формално гледано, адвокатурата е еден од столбовите на правосудниот систем. Практично, не постои секогаш таков третман. Адвокатот не е противник ниту на судот ниту на обвинителството. Неговата улога е да ги заштити правата и интересите на странката и да придонесе кон правилна примена на правото. За жал, во пракса сè уште постојат ситуации каде што адвокатите не се перципираат како рамноправни учесници во постапката, туку како фактор што ја усложнува работата. Конкретно, улогата на обвинителот предничи и е привилегирана кај судијата. Потребно е поголемо меѓусебно почитување и професионална комуникација и респект. Судот, обвинителството и адвокатурата имаат различни улоги, но заедничка цел – законито и правично решавање на споровите. Кога тој баланс е нарушен, штетата ја трпат граѓаните.
Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








