Поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, по речиси 21 месец недостапност за органите на прогонот, утрово сам се предал. Во 5:35 часот тој пеш го преминал граничниот премин Долно Блаце на македонско-косовската граница и се пријавил за влез во државата. По потврдувањето на идентитетот бил лишен од слобода и веднаш спроведен во КПУ „Затвор Скопје“ во Шутка.
По Бајрами била распишана мерка „апси“ по барање на СМПС – Одделение за потраги, согласно член 354 став 5 од Кривичниот законик. Според полициските сознанија, тој ја напуштил државата неколку дена пред да биде објавена кривичната пријава за случајот „Државна лотарија“ во декември 2024 година, по што веднаш беше распишана меѓународна потерница.
Бајрами е првообвинет во предметот „Државна лотарија“, заедно со уште седум лица, меѓу кои и поранешниот прв вицепремиер Артан Груби. Обвинителството ги товари за злоупотреба на службената положба и овластување, а според обвинението со спорните постапки на Лотаријата ѝ била нанесена штета од 507,6 милиони денари, односно над 8,25 милиони евра.
Станува збор за набавката на ВЛТ-терминали и обидот Државна лотарија самостојно да приредува електронски игри на среќа, иако, според обвинителството, правото за тоа било внесено како непаричен влог при основањето на Државната видеолотарија со „Касинос Аустрија“, со што Лотарија стекнала 51 отсто од основната главнина.
Инаку, Бајрами го следеше примерот на Груби. Во февруари годинава и поранешниот прв вицепремиер, по повеќе од една година недостапност, пеш се појави на Блаце и беше уапсен при влез во државата. Груби сега е во куќен притвор.
Враќањето на Бајрами, според сознанијата на Телма, било очекувано најмалку две недели, односно пред почетокот на судењето. Тој, сепак, се предаде два дена по првото активно рочиште. Поради неговото пристигнување во затворот, судењето е одложено за да му биде доставен обвинителниот акт и да добие увид во доказите.
Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека се отповикани расправите закажани за 11 и 16 септември, а судењето ќе продолжи на 18 септември во 12 часот.
Предметот „Лотарија“ не е единствената постапка што го очекува Бајрами. Од Основното јавно обвинителство Скопје потврдија дека, покрај активното обвинение, против него се водат уште четири постапки за истото кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување, во кои се прибираат докази и се вршат вештачења.
Бајрами се соочува и со одделна постапка поврзана со закупот на деловен простор во Визбегово. Според претходно поднесената кривична пријава, просторот бил несоодветен за условите од јавниот повик, а закупнината била најмалку двојно повисока од пазарната. Државна лотарија за закупот исплатила 24,6 милиони денари, односно околу 400 илјади евра.
По речиси 21 месец недостапност, Бајрами сега е во Шутка и достапен за судот. Неговиот адвокат Еленко Миланов за Телма изјавил дека сè уште не се сретнал со Бајрами, но оценил дека е добро што тој се вратил за да се соочи со судската постапка.
Аналитика








