ПОВЕЌЕ

    НАЈМНОГУ ЗАТВОРЕНИ ФИРМИ ИМАЛЕ СМЕТКА ВО СТОПАНСКА БАНКА, во ТТК банка има чудна динамика

    Време зa читање: 5 минути

    Во првите шест месеци од 2026 година, во Македонија се згаснати 1.819 компании. Толку банкарски сметки се затвориле во банките. И додека анализата на новоотворени компании и нивниот избор на банка во голем дел е резултат на поволните банкарски услови, анализата на згаснати сметки во банки, главно покажува колку сметки „загубиле“ банките поодделно. Сепак, аналитичарите оставаат доза сомнеж дека во некои случаи можеби и деловната политика на некоја банка не била доволно флексибилна кон микрокомпаниите, а 92 насто од затворените фирми во првото полугодие од годинава се микро, што значи дека станува збор за компании со помалку од 10 вработени и бруто-годишен приход до 50.000 евра во денарска противвредност.

    Речиси една петтина од затворените сметки им припаѓале на клиенти од Стопанска банка. Од анализата на Пари произлезе дека во оваа банка затвориле сметка 341 фирма од оние што ја загубиле деловната битка.

    Всушност, во големата банкарска тројка: Стопанска банка, НЛБ банка и Комерцијална банка, сметки имале 52,1 насто од затворените компании во првото полугодие од годинава. Така, во Стопанска банка, по овој основ згаснала 341 сметка, во НЛБ – 310, а во Комерцијална – 298.

    Халк банка веќе се позиционира како банка во која најмногу новоотворени компании отвораат сметка, односно ја бираат за матична банка. Но, во однос на затворени сметки од затворени фирми, таа се позиционира на четвртото место со 259 згаснати сметки.

    На петто место е ТТК банка со 116 згаснати сметки од затворени фирми. Ова има и регионални причини, затоа што таму голем дел од фирмите ја бираа како матична банка. Но, таа позиција банката веќе ја губи. Имено, од 151 новоотворена фирма во првото полугодие, само 18 ја избрале ТТК банка.

    Извор: Бизнис Мрежа

    СКОПСКИТЕ ЗАТВОРЕНИ ФИРМИ НАЈМНОГУ СМЕТКИ ИМАЛЕ ВО КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА

    Во Скопје има најголем број новоотворени и затворени фирми. Сепак, иако во Стопанска банка се затвориле најмногу сметки како резултат на затворање фирма во првото полугодие од годинава, најмногу затворени сметки од скопските фирми има во Комерцијална банка.

    Скопје бележи 484 згаснати компании, што претставува речиси четвртина од сите затворени компании во државата. Првите три банки во кои скопските фирми ги затвориле сметките се Комерцијална банка со 144 затворени сметки, НЛБ банка со 97 затворени сметки, и Стопанска банка со 93 затворени сметки.

    Вториот најпогоден град е Тетово, со 119 згаснати компании, каде што сликата е сосем поинаква од главниот град. Апсолутен лидер по затворени сметки е ТТК банка, со 37 затворени сметки, што претставува речиси 31 насто од сите затворања во градот. Ова е исклучително висок удел и отвора прашања за банкарските политики во регионот. Следат Халк банка со 23 затворени сметки и НЛБ банка со 16 затворени сметки.

    Во Битола, третиот град по број на згаснати компании, има вкупно 114 затворени фирми. На првото место таму се наоѓа Алта банка со 19 затворени сметки. Но, важно е да се потенцира дека лани во октомври Алта банка ја купи Стопанска банка – Битола. Следат НЛБ банка со 17 и ТТК банка со 15 затворени сметки.

    Извор: Бизнис Мрежа

    НОВООТВОРНИТЕ СМЕТКИ НА ТРГОВЦИТЕ СЕ НАЈМАЛКУ СИГУРНИ ЗА БАНКИТЕ

    Кога станува збор за економските сектори, три дејности доминираат по бројот на згаснати компании.

    Најпогоден сектор е трговијата на големо и мало, со 491 згасната компанија, што претставува речиси 27 насто од сите затворени сметки. Трговијата, која традиционално е една од најзастапените дејности кај домашното претприемништво, очигледно се соочува со сериозни предизвици – од намалена потрошувачка, преку зголемена конкуренција, до притисокот на големите трговски синџири. Првите три банки каде што се затвориле сметки од фирми во овој сектор се Стопанска банка со 105 затворени сметки, НЛБ банка со 85, и Халк банка со 70 затворени сметки.

    Втората најпогодена дејност е преработувачката индустрија, со 240 затворени сметки. Овој податок е особено загрижувачки бидејќи преработувачката индустрија е клучна за извозниот капацитет на земјата. Топ три банки во овој сектор се Комерцијална банка со 45 затворени сметки, Стопанска банка со 43, и Халк банка со 39 затворени сметки.

    Трета по ред е дејноста стручни, научни и технички дејности, со 155 затворени сметки. Овој сектор, кој вклучува консултантски услуги, инженеринг, правни и сметководствени услуги, очигледно се соочува со заситеност на пазарот или намалена побарувачка. Топ три банки во овој сектор се Комерцијална банка со 39 затворени сметки, Стопанска банка со 27, и НЛБ банка со 26 затворени сметки.

    Ист број на затворени сметки, исто така 155 (со што третото неславно место е поделено на две дејности) има и дејноста други услужни дејности, што укажува на широк спектар на погодени сектори.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Редакција Пари 

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично