
Дарио Амодеи, извршниот директор на „Антропик“, минатата година излезе со прилично алармантна изјава пред деловниот свет со прогноза дека вештачката интелигенција може да елиминира половина од почетничките канцелариски работни места. Предупреди и дека во рок од една до пет години невработеноста во САД би можела да се искачи на 10 до 20 насто. Веста стигна насекаде, а стравот секогаш патува брзо. Тоа создаде реалност во која сите почнаа многу повеќе да зборуваат за вештачката интелигенција, за ChatGPT, за Claude итн.
Но, една година подоцна, Амодеи во нова изјава имаше сосем поинаков тон. Ако вештачката интелигенција преземе 90 насто од една работа, рече тој, преостанатите 10 насто мора да ги работат луѓето и да еволуираат во новите професии. Со други зборови, професијата не може да исчезне, туку може да се смени она што во неа го прави човекот. Амодеи не се откажа од претходното предупредување, но разликата во тонот кажува многу. Во крајна линија, заканата заврши на насловните страници, а објаснувањето остана за оние што читаат до крај.
Така функционира и пазарот за вештачката интелигенција. Од иста адреса пристигнуваат и паниката и чудотворното решение. Прво ќе ви кажат дека ќе задоцните, а потоа ќе ви го продадат спасот и пораката секогаш е иста: одлучете сега, купете сега или утре ќе ве нема.
Проблемот не е вештачката интелигенција. Проблемот се ветените брзи резултати, без да се потенцира еволуцијата
Зад целата паника има две вистини. Едната е дека чувството на итност во голема мера е произведено за полесно да се стигне до потпис. Другата е дека вештачката интелигенција навистина може да заврши сериозна работа и дека дефинитивно нема да се сведе на минлив технолошки тренд.
Технологијата не е измама и тоа јасно го гледаме, но измама е ветувањето дека со една лиценца може да се купи револуцијата, а да се прескокне сè што една компанија треба да смени во себе. Постојат многу истражувања што покажуваат дека ниту бројките на терен не се сјајни и дека 9 од 10 пилот-проекти не одат во продукција. Сите имаат нешто заедничко: технологијата работи, но предусловите за неа не се исполнети.
Едно е моделот да блесне на внимателно подготвена презентација, а сосем друго е да го поврзете со вистинските податоци, старите системи, деловните правила и луѓето што утре треба да одговараат за неговите одлуки.
Тука најчесто пропаѓа приказната за брзиот успех.
Западот повеќе од две декади активно се развива и се дигитализира
Во Британија и во развиените западни економии, оваа промена не почна со денешниот бран на генеративна вештачка интелигенција. Таа се гради повеќе од дваесет години, без големи наслови, преку подобри податоци, појасни процеси и алатки што постепено преземаа дел од рутинската работа.
Дел од таа еволуција ја гледав одблизу во последните 12 години. На почетокот, аналитичарите трошеа речиси сè на собирање, чистење и средување на податоците, а многу малку на вистинска анализа. Зошто била донесена одредена одлука? Тоа ретко се запишуваше некаде. Знаењето остануваше во главите на луѓето, заедно со нивното искуство и чувство.
Јас тој стар начин на работа го опишувам како „90 : 10 : 0“ ‒ 90 проценти подготовка, 10 проценти размислување и речиси 0 запишана трага за одлуката. Тоа не е официјална статистика, туку слика што добро ја познава секој што некогаш чекал финална верзија на рачно составен извештај.
Со подобрите алатки, играта се смени, па наместо само да одговараме на прашањето „што се случи?“, почнавме да прашуваме „зошто?“ и „што ќе следува?“ Рутинската работа се намали, а повредни станаа толкувањето, проценката и проверката. И тоа беше револуција сама по себе, но немаше ваков маркетинг каков што денес има вештачката интелигенција. Развиените компании инвестираа многу во тие процеси и ги надоградуваа од година во година.
Нам ни се продава само последниот чекор
Во Македонија и во поголемиот дел од регионот, голем број компании допрва го почнуваат истиот пат. Со години им поставувам на директорите едно едноставно прашање: „Што велат вашите бројки?“ Пречесто, наместо одговор, следува разговор за тоа кој извештај е точниот, кој го подготвил и зошто два сектора покажуваат различен резултат. Извештаите се составуваат рачно, одлуките се носат по чувство, а образложението останува незапишано.
Тоа е нашата верзија на „90 : 10 : 0“: најмногу време трошиме за да стигнеме до бројката, многу помалку за да разбереме што ни кажува, а речиси воопшто не го чуваме знаењето врз кое сме одлучиле.
И токму на таков пазар му се продава последниот чекор. Се зборува за автономни агенти и интелигентни компании, а некаде сè уште нема согласност кој извештај е точниот.
Значи ли тоа дека сме безнадежно задоцнети? Не, но има една важна работа. Ние нема да добиеме дваесет мирни години за да го повториме патот на Западот. Нивните обиди, грешки и научени лекции се веќе платени и документирани. Нашата шанса е да го поминеме истиот пат побрзо.
Но, доцнењето е предност само ако ги прескокнеме туѓите грешки, а не и неопходните чекори.
Пред вештачката интелигенција да одлучува, имаме три клучни чекори
Прво, мора да има бројки на кои сите им веруваат. Еден показател не може да има три значења, зависно од тоа дали го објаснуваат секторот за продажба, финансии или операции. Ако во компанијата веќе има конфузија, вештачката интелигенција нема магично да ја расчисти, само ќе ја забрза. За тоа веќе пишував во мојата прва колумна.
Потоа, знаењето мора да се извади од главите на луѓето. Дефинициите, деловните правила, исклучоците и причините зад одлуките треба да станат дел од меморијата на компанијата, темата на мојата претходна колумна. Машината не може да го научи она што организацијата никогаш не го запишала, а без тоа вештачката интелигенција не може да дејствува.
Автоматизацијата и досега извршуваше задачи во наше име. Разликата сега е во тоа колку длабоко вештачката интелигенција навлегува во работата што досега ја сметавме за „човечка“: одговара на клиенти, подготвува понуди, отвора задачи, а во некои системи и одобрува или извршува трансакции.
Штом ѝ давате овластување, мора да ѝ поставите и граници. Мора да се знае кој е одговорен за неа, кога запира, кога бара човек и каде останува записот за тоа што направила, а процесот не е ништо поразличен од набљудување нов вработен и поставување процеси, исти како за самите вработени.
Ниту една банка не му го доверува трезорот на млад кредитен службеник одпрвиот работен ден. Прво добива ограничени овластувања, правила и претпоставен. Зошто со најновиот „дигитален вработен“ би постапиле поинаку?
А што ќе биде со работните места?
Не би било чесно да се тврди дека ниту едно работно место нема да исчезне или нема да се промени. Дел од задачите ќе се автоматизираат, некои позиции ќе се намалат, а придобивките нема рамномерно да стигнат до сите.
Но, според мене, ниту стравот сам по себе не е план.
За вработените, најважно ќе биде да се поместат од механичко извршување кон разбирање на процесот, проверка, проценка и одговорност. Машината нека преземе поголем дел од рутината. Човекот треба да знае да ја насочи, да го препознае нејзиниот пропуст и да одлучи кога не треба да ѝ верува. Затоа, ако досега сте се фокусирале на рачни чекори во некој процес, сега фокусирајте се на процесот и на тоа како вие можете да го подобрите. Тоа е иднината.
За сопствениците и менаџерите: не наседнувајте на приказната за брзите успеси. Прво, средете си ги бројките, а потоа прашајте се како да изградите систем со кој ќе го сочувате знаењето на компанијата за тоа да може да се искористи и во иднина. Редизајнирајте ги процесите, наместо само да додадете вештачка интелигенција во постоечките.
Што, тогаш, се крие зад еуфоријата и стравот?
Итноста на продавачот и можноста на оној што е подготвен да се развива. Најдобро од сè е што темава ве интересира, бидејќи овој бран мора да го фатиме сите ние, инаку јазот помеѓу малите и големите компании ќе стане толку голем што може да биде предоцна.
Но, не заборавајте, оваа промена бара дваесет години развој да ги збиеме во неколку, без да прескокнеме ништо освен туѓите грешки.
Вештачката интелигенција е тука и може да направи многу. Но, како и секоја технологија пред неа, ќе ѝ донесе најмногу на компанијата што е подготвена да се менува.
Еуфоријата е нивна. Еволуцијата мора да биде наша.
Автор: Филип Петровски, Data Masters
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








