ПОВЕЌЕ

    ДЗР утврди сериозни пропусти, КЗК возврати: Ревизијата се однесува на стариот состав, состојбата е целосно променета

    Време зa читање: 5 минути

    Комисијата за заштита на конкуренцијата не водела единствена евиденција за изречените глоби, не го осигурила државниот имот, не можела да ги достави листите за присуство на вработените, а ревизорите утврдиле и слабости во јавните набавки и пописот на имотот. По овие наоди на Државниот завод за ревизија, Комисијата реагира дека извештајот се однесува на работењето на претходниот состав во 2024 година и тврди дека новото раководство веќе ги надминало најголемиот дел од затекнатите проблеми, при што бројот на прекршочни решенија е зголемен за околу 933 проценти, а изречените глоби за 2.756 проценти.

    ДЗР изрази мислење со резерва и за финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива на КЗК за 2024 година. Во извештајот се наведува дека биле утврдени „материјалната и сметководствената евиденција не се усогласени поради отсуство на вредносни показатели во пописните листи“, „Комисијата нема преземено мерки за заштита на имотот преку осигурување“, „отсуство на единствена евиденција на предмети за кои се изречени глоби“, како и „слабости во содржината на тендерската документација и техничката спецификација во дел од постапките за јавни набавки“.

    Во реакцијата на извештајот, КЗК нагласува дека сите овие констатации се однесуваат на периодот пред изборот на актуелниот состав.

    „Новото раководство по преземањето на функцијата затекна сериозни институционални и организациски предизвици, меѓу кои голем број нерешени предмети, од кои дел биле започнати уште во 2017 година“, се наведува во соопштението.

    Една од најсериозните забелешки на ревизорите се однесува на водењето на предметите по кои се изрекуваат глоби: „Не е воспоставена пракса за единствена евиденција на предметите и побарувањата по нив, што може да доведе до ненавремена наплата, односно нивно застарување“.

    Од КЗК, пак, велат дека состојбата е целосно променета: „Комисијата за одлучување по прекршок подолг период не функционирала со полн капацитет, што придонело за застој во постапувањето и акумулирање на заостанати предмети“.

    Како доказ за подобрената ефикасност, КЗК посочува дека во 2024 година биле донесени само три решенија со глоби во вкупен износ од 1.968.100 денари, додека во 2025 година биле донесени 31 решение со вкупно 56.206.321 денар изречени глоби: „Тоа претставува зголемување на бројот на донесени решенија за околу 933%, а на изречените глоби за околу 2.756%, што јасно укажува на значително поефикасно спроведување на прекршочните постапки“.

    Според нив, во истиот период се наплатени и 110.917.550 денари по основ на правосилни и извршни решенија.

    Ревизорите констатирале дека Комисијата не го осигурила имотот со кој располага, иако тоа е законска обврска: „Од страна на Комисијата не се преземени активности за осигурување на целокупниот имот со кој располага (зграда, опрема, благајна)“.

    Според ДЗР, ваквата состојба создава ризик евентуалната штета да падне на товар на државниот буџет.

    КЗК одговара дека веќе работи на исполнување на препораките од ревизијата, особено во делот на финансиското управување, сметководствената евиденција, јавните набавки и внатрешните контролни механизми.

    Ревизијата утврдила и неправилности при пописот на имотот: „Пописната комисија извршила физички попис на опремата… но не е извршено усогласување на сметководствената евиденција со фактичката состојба… пописните листи содржат количински, но не и вредносни показатели“.

    Освен тоа, ревизорите констатирале дека амортизацијата од претходните години во сметководствената евиденција била прикажана во повисок износ за 546 илјади денари, што влијае врз реалноста на билансот на состојба.

    Предмет на ревизија биле сите четири јавни набавки спроведени во 2024 година, во вредност од 1,181 милион денари, при што кај две биле утврдени неправилности.

    Кај набавката на три мобилни телефони, според ревизорите, техничките спецификации биле поставени така што „упатуваат на конкретен производител и производи“, а кај набавката на такси-превоз не бил јасно објаснет начинот на бодување на понудите. ДЗР оценува дека ваквите пропусти можат да доведат до ограничување на конкуренцијата и фаворизирање на одредени економски оператори.

    Од Комисијата велат дека токму овие препораки веќе се спроведуваат преку подобрување на постапките за јавни набавки и внатрешните контроли.

    Ревизорите утврдиле пропусти и во евиденцијата за присуство на работа: „Евидентните дневни листи кои биле водени во 2024 година не ни беа доставени на увид, со образложение дека е поминат подолг период и не можат да ги најдат“.

    Во извештајот е посочено и дека во најголемиот дел од 2024 година Комисијата не работела во полн состав: „Во 2024 година Комисијата функционира со претседател и тројца членови, односно со еден член помалку“.

    Од своја страна КЗК тврди дека оваа состојба е надмината: „Стручните служби се целосно екипирани, а Комисијата за одлучување по прекршок функционира во полн капацитет“.

    Оттаму додаваат дека напредокот бил констатиран и од Европската комисија при оценувањето на исполнувањето на Реформската агенда, каде биле забележани подобрувања во политиките за заштита на конкуренцијата и јакнењето на институционалните капацитети.

    „Комисијата останува посветена на законито, транспарентно и професионално работење и на доследна заштита на конкуренцијата во интерес на граѓаните“, порачуваат од КЗК.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично